Biznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономија

Малиот пазар, немањето континуитет и стандарден квалитет – клучни болки на македонскиот аграр

Македонскиот пазар на земјоделски производи е мал, со неповолна, неизбалансирана структура и слаб извозен потенцијал. Соочен со силна конкуренција од надвор, се уште не успева да испорача континуитет и стандарден квалитет. Ситните парцели до два хектара, непочитувањето на договорите меѓу производителите и откупувачите, како и минималниот ефект од задругарството, остануваат клучна системска слабост.

Скопје, 28 јануари 2020 (МИА) – Македонскиот пазар на земјоделски производи е мал, со неповолна, неизбалансирана структура и слаб извозен потенцијал. Соочен со силна конкуренција од надвор, се уште не успева да испорача континуитет и стандарден квалитет. Ситните парцели до два хектара, непочитувањето на договорите меѓу производителите и откупувачите, како и минималниот ефект од задругарството, остануваат клучна системска слабост.

Како што беше речено на денешната Прва сесија на Работната група за земјоделство од Националната конвенција за ЕУ во земјава, почнатите реформи ќе мора да се спроведат ако сакаме да бидеме дел од европското семејство.

-Маркетите бараат континуирано производство со стандарден квалитет и соодветна структура, но ние тоа се уште не можеме да го постигнеме. Има сектори, како овоштарството, градинарството и лозарството кои постојано продуцираат вишоци, а други, како сточарството или производството на пченица, не ги покриваат ниту домашните потреби, истакна професорот Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Според него, клучна болка остануваат малите, расцепкани имоти на кои отпаѓаат преку 70 проценти од земјоделските стопанства, а здружувањето на производителите до денес речиси нема никаков ефект па во такви услови тие секогаш ќе бидат во подредена положба на пазарот и под притисок на откупувачите.

– Нашиот пазар е релативно отворен и либерализиран, а тоа создава дополнителен проблем. Во околните земји со слична производна структура, се градат сериозни капацитети кои овозможуваат поран пласман и продажба со пониски трошоци што практично, создава силна конкуренција која значи удар за македонското земјоделство, потенцира професорот.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски рече дека Владата вложува огромни напори да го заштити пазарот на земјоделски производи од нарушувањата што ги предизвикуваат флуктуацијата на цените и нелојалната конкуренција.

– Имајќи предвид дека преструктуирањето на секторот е една од клучните стратегиски цели до 2020 година, а почна со создавање институционална, правна и политичка средина за преструктурираните политики, подвлече Димковски.

Според Виера Баричичова од Министерството за земјоделство на Република Словачка, земјава треба да размисли што сака за да не ги прави истите грешки низ кои поминале претходните држави кандидати за членство во ЕУ.

– Многу е важно да постои целосно менаџирање на фармите, да се има јасна слика за следење на финансиите и производството, да бидат воспоставен менаџмент и мониторинг на состојбите, како и да има аналитички информации и силни истражувања направени во вистинско време, порача Баричичова.

Работната група за земјоделство од Националната конвенција досега одржа шест сесии за витални сегменти од македонското земјоделство и креираше преку 60 препораки. Денешната сесија беше на тема: „Уредување на земјоделските пазари“.мч/са/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close