0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштествоСторија

Македонскиот гулаб вртач лета низ Балканот без регистрација

Автохтониот македонски гулаб вртач го има скоро во сите земји од Балканот и Унгарија, но тој лета низ балканското небо без регистрација. Од целосно признавање како автохтона птица и раса и запишување во регистарот на Европскиот сојуз на одгледувачи на птици и ситни животни го дели учество на еден конгрес и одржување на една меѓународна изложба, вели Тодор Маџаров, претседател на Здружението „Македонски вртач“ од Струмица и долгогодишен одгледувач на овој вид гулаби, но и други птици и животни.

Струмица, 12 февруари 2020 (МИА) – Автохтониот македонски гулаб вртач го има скоро во сите земји од Балканот и Унгарија, но тој лета низ балканското небо без регистрација. Од целосно признавање како автохтона птица и раса и запишување во регистарот на Европскиот сојуз на одгледувачи на птици и ситни животни го дели учество на еден конгрес и одржување на една меѓународна изложба, вели Тодор Маџаров, претседател на Здружението „Македонски вртач“ од Струмица и долгогодишен одгледувач на овој вид гулаби, но и други птици и животни.

На влезот во неговиот двор, каде што е сместен гулабарникот, но и кафези за одгледување зајаци и украсни патки, нè пречека силното гугање од стотината гулаби, но и нивната послушност кон сопственикот кога им нареди секој да си влезе во својот дел од гулабарникот. Тие ја извршија неговата наредба, а тој веднаш почна да раскажува зошто македонскиот гулаб вртач не е регистриран како автохтона птица.

– Битката за регистрирање на нашиот гулаб и запишување во регистарот на европскиот сојуз трае долги години. На еден од конгресите успеавме да учествуваме и го презентиравме нашиот гулаб. Но, потребно е да се учествува и на други конгреси, а немавме пари. Пропуштивме неколку конгреси и заради тоа сè уште сме стасус кво, раскажува Маџаров.

Продолжува дека македонскиот вртач може само така да се нарекува, а не и дунек, бидејќи тоа е турско име за гулабот.

– За мене е најболно што гулабот е признат дека е автохтона македонска птица, па дури дека е и со потекло од Струмица, но не е регистриран и затоа секој го краде. Исто како што ајварот стана словенечки, а шарпланинецот српски. Сето тоа е поради наша неорганизираност, па дури би додал и од завист зошто друг да го направи тоа, а не јас, со тага објаснува Тодор.

Објаснува дека струмичкиот вртач во Србија и во другите држави од поранешната држава стасал по заминувањето на старешините од некогашната ЈНА, кои со себе ги понеле и гулабите што ги одгледувале додека биле на служба во Струмица. Додава дека голема е разликата меѓу гулабите поштари и високолетачите од нашиот вртач.

– Кога се врши оценување на македонскиот вртач, најпрво се гледа каков му е кружниот лет над гулабарникот и да добие една висина од 200 до 300 метри и кога ќе се пушти друг гулаб на земјата тој почнува вертикално да паѓа и да се врти околу својата оска. Тоа вртење се оценува. Значи имаме добар лет, имаме кружен лет и имаме примање, па вртење и приземјување во гулабарникот. Бодовите од оценувањето од двајцата судии се собираат и се добива пласманот, објаснува Маџаров, кој и самиот е судија.

Интересно е неговото објаснување за гулабите поштари како знаат да се вратат во својот гулабарник, иако летаат и по илјадници километри.

– Самиот гулаб поштар треба да биде чистокрвен и да не е вкрстуван со други раси и докажано е дека тој ја следи ултравиолетовата светлина, што не ја гледа ниту еден друг ‘рбетник. Кога ќе тргне гулабот прави еден или повеќе кругови, по што поставува визуелен контакт со гулабарникот и се враќа назад, на местото каде што е роден, бидејќи тоа останува запишано во неговиот генетски код, вели Тодор Маџаров.

Љубовта за одгледување гулаби ја наследил од неговите предци, па дури вели дека тоа му е аманет од дедо му.

– Во 1913 година, кога дедо ми дошол во Струмица од кукушката околија, од големото богатство што таму го имал и го оставил, со себе ги понел само двата најстари гулаба ставајќи ги во пазувите. Од тие гулаби потекнува нашата семејна љубов кон овие птици, раскажува Тодор.

Жали што нема кој да ја наследи неговата љубов кон гулабите, но и покрај тоа што е веќе во седумдесет и втората година од животот се надева дека уште долго ќе им се радува на „паѓањата“ на неговите вртачи и секој нареден ден ќе го поминува со нив. Се потсетува и на бројните признанија што ги има освоено за своите гулаби, но сепак најголема награда ќе му биде регистрирањето на македонскиот гулаб вртач во европските аоцијации.

Според неговите податоци во Струмица има стотина огледувачи на гулаби вртачи, а во државата вкупниот број на гулаби е околу 10 илјади. Маџаров има регистрирано и сопствена одгледувачница за гулаби и патки.

Ристо Тасев

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close