0_Македонија.ПорталОпштество

Македонски ПЕН-центар: Со негирањето на постоењето на македонскиот јазик и нација се попречува непречениот пренос на мисли и на слободното изразување

Со негирањето на постоењето на современиот македонски јазик и на македонската нација се врши директно попречување на „непречениот пренос на мисли“ и на „слободното изразување. Целосно го поддржуваме и го афирмираме начелото дека „почитта кон сите јазици и култури е фундамент за создавање и одржување дијалог и мир во светот“, стои во реакцијата на Македонскиот ПЕН Центар по повод негирањето на македонскиот идентитет и јазик од страна на властите на Р Бугарија.

Скопје, 9 декември 2020 (МИА) – Со негирањето на постоењето на современиот македонски јазик и на македонската нација се врши директно попречување на „непречениот пренос на мисли“ и на „слободното изразување. Целосно го поддржуваме и го афирмираме начелото дека „почитта кон сите јазици и култури е фундамент за создавање и одржување дијалог и мир во светот“, стои во реакцијата на Македонскиот ПЕН Центар по повод негирањето на македонскиот идентитет и јазик од страна на властите на Р Бугарија.

Во врска со негирањето на македонскиот идентитет и јазик од страна на властите на Р Бугарија и ставањето вето врз почетокот на претприемните преговори помеѓу ЕУ и РС Македонија, Македонскиот ПЕН центар смета за неопходно да упати реакција заснована врз Повелбата на Меѓународниот ПЕН, Жиронскиот манифест за превод и јазични права (усвоен од Генералното собрание на Меѓународниот ПЕН одржано на 77. светски конгрес во Белград, 2011 година), како и врз посебната Резолуција на Меѓународниот ПЕН (усвоена на конгресот одржан во Рио де Жанеиро, 1992 година), со кои се признава и поддржува постоењето на македонскиот јазик, книжевност, култура и нација.

Оставајќи ја филолошката и историската расправа за релациите меѓу македонскиот и бугарскиот јазик и меѓу двата народа на компетентни институции, лингвисти и истражувачи во доменот на развитокот на семејството на јужнословенските јазици и народи, Македонскиот ПЕН-центар смета за неопходно да упати на правото на самоопределување на македонскиот народ и на фактот за постоењето на македонскиот јазик во издиференциран и кодифициран облик во текот на речиси осум децении – период кога тој доживува свој брз подем во сите домени на јавниот, институционалниот и литературниот живот, при што доживува своја целосна меѓународна афирмација потврдена со неговото официјално признавање како посебен национален јазик од страна на Обединетите нации во 1977 година.

Имајќи го предвид начелото утврдено во Повелбата на Меѓународниот ПЕН дека „се застапува за принципот на непречен пренос на мисли во секоја нација поединечно и меѓу сите нации заедно“ и дека „неговите членови се заветуваат дека ќе се спротивстават на секаков вид потиснување на слободното изразување“ (Повелба, начело 4), сметаме, посочуваат од ПЕН Центарот, дека со негирањето на постоењето на современиот македонски јазик и на македонската нација се врши директно попречување на „непречениот пренос на мисли“ и на „слободното изразување“ во доменот на литературата и културата, како на домашно, така и на меѓународно ниво, особено имајќи го предвид фактот дека „секоја јазичка заедница има право на свој јазик употребуван како официјален јазик на својата територија“ (начело 5).

-Поаѓајќи од овие и други универзални начела, Македонскиот ПЕН-центар смета дека со негацијата на македонската нација со веќе изграден сопствен идентитет и творештво на афирмиран јазик во светското семејство на јазици, властите на Р Бугарија индиректно вршат дисквалификација на правото на сопствен идентитет, јазик, книжевност и култура на поединецот, но и на народот што нив внимателно ги градел, негувал и унапредувал низ времето. Затоа Македонскиот ПЕН-центар целосно го поддржува и го афирмира начелото дека „почитта кон сите јазици и култури е фундамент за создавање и одржување дијалог и мир во светот“ (начело 2) и неговите заложби и активности се целосно насочени во тој правец, стои во реакцијата на Македонскиот ПЕН Центар. вг/ац/

Таг
Back to top button
Close
Close