Дописници МКДОпштински вести

Македонците во селото Ербеле го одбележаа празникот Свето Преображение

Македонците во селото Ербеле, областа Поле или Долни Дебар (Пешкопеја), Албанија, кое се наоѓа во близина на албанско-македонската граница кај Дебар, го одбележаа големиот христијански празник Преображение.

Дебар, 19 август 2020 (МИА)-Македонците во селото Ербеле, областа Поле или Долни Дебар (Пешкопеја), Албанија, кое се наоѓа во близина на албанско-македонската граница кај Дебар, го одбележаа големиот христијански празник Преображение.

Поради пандемијата на Ковид-19, присуството на Македонците беше многу помало од претходните одбележувања на празникот, но како што велат, „малку сме, ама доволно да ја продолжиме традицијата“.

По традиција од цела Албанија, но и оние кои сега живеат во Македонија а се по потекло од Ербеле, тука доаѓаат спроти празникот на 18 август и тука преноќуваат.

– Ноќта спроти празникот тука доаѓа многу народ и православни и муслимани и преноќуваат внатре во црквата. Се молат за излекување од разни болести, затоа што се верува дека има исцелителна моќ. Како што потврдуваат и нашите постари соселани, голем број луѓе тука го нашле лекот за својата болест, вели Ернест Постоли чие семејство се грижи за овој божји храм.

Ја објаснува и легендата која се пренесува од колено на колено.

– Според легендата, нешто огнено и црвено секој 18 август се спушта од црквата којашто се наоѓа на врвот на планината Крчин (црква која се наоѓа на самата македонско-албанска граница) и оди право во црквата „Свето Преображение“. Тоа велат е божји знак кој помага во излекувањето на оние кои веруваат во неговата моќ, додава Постоли.

Пред неколку години на овој празник во селото Ербеле започна да се воведува обичај да се меси погача во која има паричка. На оној на кој ќе му се падне паричката од погачата го преземе кумството за наредната година.

Црквата „Свето Преображение“ е изградена во 12 век, а во 1973 година албанските власти ја прогласија за споменик на културата. вт/ир

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close