0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдерМИА ИстражуваПолитикаТема

Мајар: Проширувањето е составен дел од европскиот проект, потребна е промена на наративот, особено во Франција

Французите не се запознаени доволно со Источна Европа, со Западен Балкан, но истото важи и за граѓаните во овие европски региони. Од француска перспектива постои големо непознавање на регионот. Тоа е голем образовен и културен предизвик, особено предизвик за медиумите, кои треба сега да покажат поголем интерес и не треба да чекаат полноправно членство за да се зафатат со Балканот.

Скопје, 25 јануари 2020 (МИА) – Французите не се запознаени доволно со Источна Европа, со Западен Балкан, но истото важи и за граѓаните во овие европски региони. Од француска перспектива постои големо непознавање на регионот. Тоа е голем образовен и културен предизвик, особено предизвик за медиумите, кои треба сега да покажат поголем интерес и не треба да чекаат полноправно членство за да се зафатат со Балканот.

Ова неодамна во Скопје го порача Себастијан Мајар, извршен директор на Институтот „Жак Делор“, угледна тинк-тенк организција со седиште во Париз, кој говореше за француската перспектива на европскиот проект меѓу другото и од аспект на проширувањето и членството, а тој аспект е особено актуализиран кај нас пред сè поради француското „не“ во октомври, но и барањето на Емануел Макрон за нова методологија во преговарачкиот процес.

На предавањето што се одржа во СЕП, Мајар, кој е поранешен новинар во контекст на приближување на регионот на Западен Балкан кон Франција, како потребни ги спомена твининг-проектите, програмата „Еразмус“ и директната размена меѓу луѓето, а не само на елитите.

– Во спротивно, проширувањето ќе стане само правна апстракција, ако не и бирократски процес само на преземање на европското право, без целосна посветеност. Она што ми се допаѓа во францускиот предлог за реформа на процесот на проширување со приспособување во фази е што населението на земјата аспирант може да искуси и да ужива некои придобивки од ЕУ штом ќе бидат подобро подготвени, а не кога ќе станат членки. Не мора да чекате 10 години пред да искусите што значи ЕУ, подвлекува францускиот аналитичар.

Тој посакува Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите и да не чека на тоа цела година, двете земји да се запознаат меѓу себе подобро и не само Франција и Македонија, туку и ЕУ и Западен Балкан. Најголемата желба му е, како што вели, во овој свет на промени и опасности Европа да испрати јасен сигнал за единство кон светот.

ЕУ од мировен проект и проект за просперитет сè повеќе станува проект на моќ

Една од научените лекции од Брегзит е дека ЕУ не е вечна и дека може да се распадне, дека земји членки може да ја напуштат. Но тоа е и проект со многу страст, кој дава и лекции по демократија дека членството е базирано на слободна волја, нема принуда да се остане во клубот. Тоа е национален избор, базиран на сувереното право да се биде дел од ЕУ, вели Мајар.

– Откривме дека и ЕУ не е бесмртна и може да се распадне на делови. Откривме што значи ЕУ во секојдневниот живот за нејзините жители, дека ЕУ не значи потпишување договори и оти процесот на евроинтеграција се чини помалку апстрактен имајќи ги предвид долгите и компликувани преговори за повлекување од Унијата. Брегзит нè учи и дека придобивките од тоа да се биде дел од клубот стануваат повидливи. Парадоксот на Брегзит е токму тоа. Тој нè натера нас, Европејците, но и Британците, да согледаме, да ја одмериме сета вредност што ја има европското наследство, оценува францускиот аналитичар.

Според него, во услови на актуелното геостратегиско опкружување и мултиполарен свет, имајќи ја предвид извесноста на Брегзит и непредвидливата американска надворешна политика на американскиот претседател Доналд Трамп, евроинтеграцијата добива ново значење, а проектот за ЕУ од мировен проект и проект за просперитет сè повеќе станува проект на моќ, односно прераснување во светска сила и добива меѓународна димензија. Целта е одбрана на европските вредности. Треба да се нагласи, додава, дека претседателката на новата ЕК Урсула фон дер Лајен ја опишува Комисијата како геополитичка комисија, што е, нагласува, новина во вокабуларот на ЕК.

Да се биде член на ЕУ значи и да се биде дел од еден процес што еволуира, процес во изградба, а во тој контекст проширувањето, наведува Мајар, е составен дел од европскиот проект. Притоа посочува и на важноста на Шумановата декларација, документ што ги постави основите на ЕУ, од чие донесување годинава ќе бидат одбележани 70 години.

– Навистина вреди да се навратиме на Декларацијата на Шуман, создадена од францускиот министер за надворешни работи, која е отворена за сите европски нации. Шуман веруваше дека Железната завеса еден ден ќе падне и во неговата замисла се содржеше целиот континент. Сè додека нациите припаѓаат на овој континент, тие имаат право, не обврска, да се запрашаат дали да се придружиме или не, без оглед дали станува збор за Исланд или за Балканот. Очигледно е дека вашето место е во ЕУ и ќе се случи во некоја фаза, дека вашата земја има право на европска перспектива. Проширувањето има цел токму постигнување единство во Европа, вели Мајар, кој е поранешен новинар.

Потребна промена на наративот на проширувањето, особено во Франција

Според него, за проширувањето како составен дел од тој европски мировен проект, проект на помирување, потребна е промена на јавното мислење, на наративот, особено во Франција.

– Мора да го промениме наративот за проширувањето ако сакаме позитивни резултати, бидејќи многу Французи на него гледаат како на нешто што не е неопходно, што не е дел од евроинтеграцијата. Во исто време, погрешно е да се спротивставуваме на проширувањето наспроти продлабочувањето. Често велиме дека Велика Британија се спротивставуваше на договорот со кој се бара натамошно продлабочување на ЕУ, а Французите, пак, не сакаат поголема Унија. Дилемата не е продлабочена наспроти проширена, поголема ЕУ, двете работи всушност одат заедно. Така пристапувањето во ЕУ значи прифаќање на проширувањето, но и на продлабочена интеграција и сите земји членки треба да го прифатат тоа, нагласува Мајар доближувајќи го француското гледање на проширувањето.

Всушност, за уникатноста на ЕУ важи дека се приклучувате во организација што ќе се продлабочи и што треба да се продлабочи со проширување, организација што ќе еволуира и ќе се интегрира, а не што ќе остане каква што е.

– Но, и во двата случаја нема простор за слободни јавачи во ЕУ. Не може да ѝ се приклучите на Унијата и потоа да си правите самостојно избор на она што вам ви се допаѓа. Тоа е една од научените лекции од Брегзит – да, сакам да бидам членка, но ќе го правам само ова и ова, а тоа не. Тоа е единствен пазар, постои повелба за основните права… и нема договарање. Или ги прифаќате или не, нагласува Мајар.

Постои, додава тој, и простор за диференцијација, што значи дека можете да бидете полноправна членка, но дека некои може да одат подлабоко во некои аспекти без да чекаат другите да им се приклучат. Тоа е еден од парадоксите на ЕУ-интеграцијата дека со заедништвото се случува и диференцијација и постои простор за тоа.

– Проширувањето и продлабочувањето во секој случај се долгорочни процеси. Пристапувањето во ЕУ не се случува преку ноќ ниту, пак, единствената валута, пазар или единствена сигурноста политика се креирани преку ноќ. Сето тоа бара време, бара приспособување, подготовка, спремност на економијата, на законодавството за тоа да се случи. Тоа е процес во кој нема паузи, чекања, кој е во постојано менување (движење). Но, конечно, најважно е не само администрацијата да биде подготвена, туку и луѓето од двете страни – во земјите што се зачленуваат и во државите членки. Тоа е поентата што ни недостигаше во изминатите проширувања. Како всушност да се запознаеме меѓусебно подобро пред да станеме членки заедно, да ги согледаме работите што ни се заеднички, истакнува Мајар.

Предавањето насловено „Европскиот проект: значење, членство и проширување? Од француска перспектива“ („The European project: meaning, membership, enlargement? A French perspective“) на Мајар се одржа со поддршка од Тренинг-центарот на СЕП, а го организира Франсоа Лефон, советник на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, именуван од Владата на Франција.

Институтот „Жак Делор“ е проевропски институт формиран во 1996 година од Жак Делор, поранешен претседател на Европската комисија (1985 – 1995), кој го поддржува проширувањето на ЕУ. Во негово време за членки на ЕУ се примени Шпанија и Португалија, а по падот на Железната завеса во 1989 година тој почнува со подготовките на првите чекори за следните големи проширувања на Унијата кон Истокот. Институтот продуцира анализи и предлози за носителите на одлуки и креаторите на политиките во ЕУ и пошироката јавност, чија цел е да придонесат кон дебатата за Унијата. Функционира како натпартиска и независна институција.

Виолета Геров

 

 

Back to top button
Close
Close