Svet.SlajderСветСвет.Портал

Мјанмар: Полицијата ја обвини Аунг Сан Су Ќи за илегален увоз на комуникациска опрема

Полицијата во Мјанмар денеска поднесе обвинение против соборената со пуч лидерка Аунг Сан Су Ќи за нелегален увоз на опрема за комуникација и ќе биде во притвор до 15 февруари

Непјидо, 3 февруари 2021 (МИА) – Полицијата во Мјанмар денеска поднесе обвинение против соборената со пуч лидерка Аунг Сан Су Ќи за нелегален увоз на опрема за комуникација и ќе биде во притвор до 15 февруари заради истрагата, објави Ројтерс, повикувајќи се на полициски документи. Во полициското барање до судот се наведуваат детали за обвиненијата против 75-годишната добитничка на Нобеловата награда за мир, а при претресот на нејзиниот стан биле пронајдени воки-токи уреди, увезени нелегално и користени без дозвола, пренесува Хина.

Затоа полицијата бара притвор за Су Ќи со цел „да се испитаат сведоците, да се побараат докази и правни совети откако обвинетата ќе даде исказ“. Националната лига за демократија (НЛД), партијата Аунг Сан Су Ќи, објави на Фејсбук дека приведената лидерка е обвинета според одредбите на Законот за увоз и извор.

Полицијата поднесе обвинение и против претседателот Вин Минт, кој, како што тврди полицијата, го прекршил законот за управување со кризи.

Агенцијата ДПА известува, повикувајќи се на извештаи објавени на социјалните мрежи, дека новите воени лидери на Мјанмар планираат да ја обвинат сегашната лидерка на земјата Аунг Сан Су Ќи за предавство.

Нобеловката Су Ќи, претседателот Вин Минт и другите членови на владата беа уапсени во понеделникот рано наутро во рација на полицијата и се наоѓаат во домашен притвор во главниот град Најпјидо.

Армијата што го изврши пучот прогласи вонредна состојба, а власта ја презеде врховниот командант Мин Аунг Хлаинг. Имињата на новите членови на кабинетот беа објавени во понеделникот.

Покрај државниот врв, воената влада ги обвинува и другите членови на парламентот за предавство.

Германската агенција ДПА потсетува дека казната за предавство носи до 20 години затвор, а можна е и смртна казна. ссм/

Back to top button
Close
Close