БизнисБизнис.ПорталДописници МКДЕкономија

Лутите пиперки и зимската зелка од Струмичко се извезуваат во Србија

Деновиве почна откупот на лутите пиперки, кои најмногу се извезуваат на пазарот во Србија, а дел завршува и на домашниот.

Струмица, 2 март 2021 (МИА) – Деновиве почна откупот на лутите пиперки, кои најмногу се извезуваат на пазарот во Србија, а дел завршува и на домашниот.

Според производителите, од почетокот на овој месец почнува интензивната берба на лутите пиперки, кои најмногу се засадени под пластеници и фолии во струмичко Банско.

– Задоволни сме од откупната цена, која се движи од 3,5 до 4 денари за парче. Како што стасува производството, така расте и интересот на трговците. Откупуваат и наши и трговци од Србија, а повеќето производители имаат склучено договори пред почетокот на сезоната. Се надевам дека овие откупни цени ќе останат и понатаму, иако може да се случи кон крајот на март цената да падне, бидејќи тогаш е екот на бербата, вели Даме Тренчовски, производител на лути пиперки од селото Банско.

Трговците додаваат дека во овој период освен за лутата пиперка има интерес и за зимската зелка, која исто така се пласира на српскиот пазар.

– Зелката се откупува по цена од 8 до 10 денари за килограм. Засега најмногу интерес за неа има од Србија. Добро е што е така, бидејќи таа се извезува заедно со лутите пиперки и за трговците е добро кога има да понудат уште една култура на почетокот на сезоната, рече Благој Витанов, трговец од Струмица.

Благодарение на затоплувањето на пластениците со топла вода од термалните извори во близина на селото Банско, производството на лути пиперки стасува порано и е поисплатливо од другите начини на раноградинарско производство за кои се користат други извори на затоплување. рт/са/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close