БизнисБизнис.ПорталЕкономија

ЛУКОИЛ Македонија го прославува својот 15-годишен јубилеј, инвестирани преку 50 милиони долари во енергетскиот сектор

ЛУКОИЛ Македонија, компанија која претставува една од десетте најголеми странски инвеститори во земјава, месецов одбележува 15 години постоење на македонскиот пазар.

Скопје, 17 август 2020 (МИА) – ЛУКОИЛ Македонија, компанија која претставува една од десетте најголеми странски инвеститори во земјава, месецов одбележува 15 години постоење на македонскиот пазар.

Компанијата е регистрирана во мај 2005 година како ќерка-фирма на групацијата „ЛУКОИЛ“ и е дел од Балканската меѓурегионална група на компании, а токму на 17 август започнува со својата комерцијална дејност. Првата бензинска станица на ЛУКОИЛ во Македонија, пак, беше изградена во населбата Камник и почна со работа на 1 септември 2006 година, а битен сегмент од работата на претпријатието претставува и нафтениот склад на ЛУКОИЛ во Штип, пуштен во употреба во август 2005 година, кој е еден од најсовремените на Балканот и изграден според највисоките светски стандарди.

Од своето доаѓање во Македонија во 2005 година досега, сумата на директни инвестиции изнесува повеќе од 50 милиони долари во македонскиот енергетски сектор, со што покажа дека е навистина сериозен стопански партнер на земјата.

Во изминативе 15 години, ЛУКОИЛ Македонија отвори вкупно 31 бензинска станица според најсовремените европски стандарди и има 450 вработени, а на македонскиот пазар има пласирано над 1,5 милиони тони нафтени деривати, со што компанијата прерасна во еден од поголемите снабдувачи со гориво во земјава, но и вистински пример за другите странски компании, постојано воведувајќи нови критериуми и повисоки стандарди во работењето.

На денот на одбележувањето на својата 15-годишнина, ЛУКОИЛ Македонија ја отвори својата 32. бензинска станица во Кочани, втора во во овој град.

– ЛУКОИЛ Македонија опфаќа 16 отсто од македонскиот нафтен пазар и уверено можам да кажам дека стоиме цврсто на својата позиција благодарение на гаранцијата за квалитетот на гориво кое го увезуваме од нашата рафинерија „ЛУКОИЛ Нефтохим Бургас“ и високото ниво на услуги коишто им ги нудиме на своите потрошувачи. ЛУКОИЛ Македонија претставува сериозен бренд кој се темели на долга историја, традиција и искуство, но и компанија која е стабилен економски партнер на земјата и која ужива константна поддршка од страна на Владата на Македонија, изјави Андреј Куку, регионален управител на ЛУКОИЛ Македонија.

По повод 15-годишното постоење, честитки за јубилејот упати и раководителот на Балканската меѓурегионална организација ЛУКОИЛ, Денис Рјупин.

– ЛУКОИЛ бензинските станици во Македонија ги оценувам како едни од најдобрите на Балканот, а тоа се должи токму на големиот успех на компанијата и 15-годишната посветена работа, рече Рјупин.

Честитка по повод јубилејот упати и амбасадорот на Руската Федерација во земјата Сергеј Баздникин, кој потенцира дека во компанијата станала добро препознатлив бренд на македонско тло и оти уверено ја зазеде и продолжува да ја задржува позицијата на еден од лидерите во малопродажниот пазар на автомобилските горива.

– И покрај честопати неповолни надворешни услови, активностите на компанијата се движат напред. Динамичниот раст најдобро се забележува во проширувањето на мрежата на бензинските станици– од отворањето на првата станица во Скопје во септември 2006 година сѐ до пуштањето во работа на 32-тата станица во Кочани отворена по повод овој јубилеј, наведува во својата честитка Баздникин.

Во соопштенито од компанијата се посочува дека во периодот од последните неколку години, ЛУКОИЛ Македонија се наоѓа во десетте најголеми плаќачи на данок во земјата, а и во рамките на глобалната групација ЛУКОИЛ, компанијата беше прогласена за најдобро претпријатие надвор од границите на Русија дури два пати досега, што претставува уште еден доказ дека таа е вистински синоним за најквалитетни горива и врвна услуга во земјата, но и пошироко.

Истовремено, ЛУКОИЛ Македонија во својата 15-годишна историја зема активно учество и од доменот на општествената одговорност, континуирано враќајќи ѝ на заедницата во која делува преку голем број проекти и иницијативи за зачувување на животната средина со користење на најдобрите достапни технологии, но и создавајќи безбедни услови за работа за вработените, грижејќи се за нивното здравје, како и за здравјето на сите граѓани на земјата. Во таа насока, компанијата годинава донираше гориво на институциите кои се во првите борбени редови во справувањето со коронавирусот, се наведува во соопштението од компанијата.

Во изминатиот период колку што ЛУКОИЛ Македонија постои на нашиот пазар, компанијата обрнува особено внимание и на своите вработени, како своја движечка сила, кои со својата професионалност, посветеност и упорен труд, се континуирано насочени кон создавање современа, ефикасна малопродажна мрежа и обезбедување врвна услуга за своите потрошувачи, со што директно придонесуваат и за успешниот развој на компанијата, потенцираат од компанијата. ев/сп/

Back to top button
Close
Close