0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштествоОпштински вести

Локализиран пожарот во Порече, нема опасност за селото Девич

По вчерашното реактивирање на шумскиот пожар што се појави во атарот на селот Девич, Порече, екипи на МВР, ТППЕ, доброволни противпожарни друштва и месното население, учествуваа во гасењето на огнената стихија и во текот на ноќта пожарот е ставен под контрола.

Кичево, 5 август 2021 (МИА) – По вчерашното реактивирање на шумскиот пожар што се појави во атарот на селот Девич, Порече, екипи на МВР, ТППЕ, доброволни противпожарни друштва и месното население, учествуваа во гасењето на огнената стихија и во текот на ноќта пожарот е ставен под контрола.

-Поради ветерот и сувото време пожарот што во понеделникот се појави во близина на село Девич се уште не е целосно изгасен, иако по вчерашната акција тој е локализиран и барем засега безбедно е населението на село Девич. Во текот на вчерашното попладне и вечер на пожарот се дејствуваше со две противпожарни возила коишто за оваа прилика беа отстапени од ТППЕ Битола. Во локализацијата на пожарот беа вклучени и 30 припадници на МВР кои со мешини полни со вода делуваа крај огнената линија, за да не дојде до проширување на огнот до селските куќи, вели Живко Сиљаноски, градоначалник на Општина Македонски Брод.

Пожарот будно се следи, крај жариштето на огнот дежураат екипи на Шумското стопанство и жители на селото, а во текот на денешниот ден се очекува да пристигне и поголема група членови на доброволоното противпожарно друштво од Битола.

-За да имаме целосен увид каква е моменталната состојба на опожарената површина, од раните утрински часови група вработени на Шумското стопанство се наоѓа во непосредна близина на пожарот, а во текот на денот очекуваме да пристигне и поголема група членови на доброволното противпожарно друштво од Битола, кои ќе се вклучат во акцијата за гаснење на пожарот. Во текот на целиот ден во непосредна близина на огнот се наоѓаат и припадници на ТППЕ Македонски Брод. а во близина на селото во правец кон пожарот се наоѓа и локално противпожарно возило во случај пожарот да го смени правецот и да бидат загрозени селските куќи, додава градоначалникот.

Од општината посочуваат дека се надеваат и очекуваат да се остварат и прогнозите на метеоролозите и наскоро да заврне дожд, како најефикасниот лек против шумските пожари. за/вг/

Back to top button
Close
Close