Дописници МКДОпштински вести

Локацијата кај градскиот базен во Кочани определена за изградба на физиотерапевтски центар

Локацијата кај градскиот базен во Кочани е определена како најповолна за изградба на физиотерапевтски центар што локалната самоуправа го планира во соработка со Министерството за здравство.

Кочани, 2 јануари 2020 (МИА) – Локацијата кај градскиот базен во Кочани е определена како најповолна за изградба на физиотерапевтски центар што локалната самоуправа го планира во соработка со Министерството за здравство.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев на прес-конференција информираше дека се работи за градежно земјиште што е во државна сопственост, а дополнителна предност е што непосредна близина на парцелата поминува главниот цевковод за геотермална вода.

-На последната средба што ја имав со министерот за здравство беше прифатен предлогот според кој општинскиот сектор за урбанизам и стручните служби од ресорното министерство треба да изнајдат соодветно решение кој и како ќе ги изгради и ќе ги користи објектите. Според урбанистичкиот план, во близина на градскиот базен е планирана изградба на објекти за спорт, рекреација и слични намени, со што ние ќе ја искористиме можноста да се изгради соодветен базен во кој ќе се користи геотермалната вода, како и соодветен простор за физикална терапија. Притоа, услугите на центарот нема да ги користат само пациентите, туку тој би имал и спортско-рекреативен карактер за сите граѓани, истакна градоначалникот Илијев.

Сместувањето на лицата кои ќе користат физиотерапевтски услуги е планирано да се реализира во Општата болница во Кочани, со што ќе се обезбеди дополнително искористување на нејзиниот капацитет и ќе се прошири дејноста. Согласност за таквата намена е добиена и од Министерството за здравство.

Според градоначалникот Илијев, со искористувањето на геотермалниот потенцијал во здравствено – рекреативни цели ќе се реализира дел од општинската програма за развој и унапредување на туризмот во кочанскиот регион, пред сè како спој на бањските капацитети и на планинските потенцијали на Осоговските Планини. та/дма/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close