Дописници МКДОпштински вести

Куртовски упати апел со поддршка до нашинците во Италија

Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски на својот фејсбук профил упати апел со поддршка до граѓаните од општината и нашинците кои живеат и работат во Италија да издржат во овие, како што наведува, тешки денови.

Ростуше, 13 март 2020 (МИА) – Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски на својот фејсбук профил упати апел со поддршка до граѓаните од општината и нашинците кои живеат и работат во Италија да издржат во овие, како што наведува, тешки денови.

– Општина Маврово и Ростуше е една од оние општини чии граѓани во најголем дел се на привремена работа во Република Италија. Како градоначалник сакам во мое и во име на граѓаните на нашата општина да упатам апел со поддршка до нашите сограѓани во Република Италија да издржат во овие тешки денови, пишува Куртовски на фејсбук.

Ние сме трудољубив и трпелив народ, додава тој и нагласува, дека „секогаш смирено ги прифаќаме приликите во кои се наоѓаме и секогаш ги почитуваме наредбите и препораките“.

– Овие генерации на граѓани не биле сведоци на вакви или слични ситуации претходно, но, верувам дека со својата смиреност и почитување на препораките ќе ги пребродиме ваквите денови и ќе излеземе уште посилни и поединствени. Се молиме и се надеваме дека оваа ситуација низ целиот свет ќе заврши со добро за сите нас, пишува градоначалникот.

Иако во соседните општини Дебар и Центар Жупа има случаи на заразени од коронавирус, во општина Маврово и Ростуше, засега не е регистриран ниту заразен, ниту сомнителен случај.

Бидејќи жителите од подрачјето на Река главно гравитираат кон Дебар, пред се за шопинг и други услуги, поради близината, Куртовски апелира до граѓаните кои живеат на територија на општина Маврово и Ростуше, да се воздржат од непотребни патувања, излегувања од дома, домашни посети, од ширење на лажни и непроверени информации. вт/мс/

Back to top button
Close
Close