БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Курти: Нема да барам испраќање на безбедносните сили во северно Косово

Косовскиот премиер Албин Курти тврди дека нема намера да ги праќа единиците на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население, туку единствено бара појаснувања за тајниот договор што во 2013 година го потпиша актуелниот претседател на државата, а тогаш премиер, Хашим Тачи со тогашниот генерален секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, јави дописникот на МИА од Приштина.

Приштина, 26 февруари 2020 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти тврди дека нема намера да ги праќа единиците на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население, туку единствено бара појаснувања за тајниот договор што во 2013 година го потпиша актуелниот претседател на државата, а тогаш премиер, Хашим Тачи со тогашниот генерален секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференцијата по повод најавата дека ќе бара покренување иницијатива за разрешување на Тачи од претседателската функција заради договорот со кој му дава на КФОР право на вето на сите мисии на ФСК во северно Косово, Курти повтори дека, според правните толкувања од владините служби, станува збор за тешко прекршување на Уставот.

– Поранешниот премиер е тој што рече дека ФСК нема да оди на косовскиот север во една размена на писма, за која не беше кажано јавно пред пратениците. Не заборавајте дека тогаш и јас бев пратеник, во опозиција, и немав сознанија за тој таен договор. Ни беше даден за гласање еден договор со КФОР, а всушност зад него се криел уште еден таен договор за кој никој немаше сознанија, изјави Курти.

Тој додаде дека нема намера да налага дејствување на безбедносните сили, затоа што целта му е да ги зачува добрите односи со НАТО и со неговата мисија во Косово, КФОР.

– Не станува збор за тоа дека ќе преземеме дејствија, сакаме добри односи со НАТО и со КФОР, меѓутоа сакаме да обзнаниме јавно пред граѓаните за таквиот таен договор. Моја обврска е за тоа да ја известам претседателката на Парламентот, шефот на државата и главниот обвинител на Косово, рече Курти.

Претпладнево кабинетот на Курти соопшти дека тој ја известил претседателката на Собранието на Косово Вјоса Османи дека побарал анализа на тајниот договор од 19 април 2013 година меѓу тогашниот премиер Тачи и генералниот секретар на НАТО Расмусен.

– Со овој договор премиерот Тачи во името на Република Косово му го пренесе на КФОР апсолутното право на вето на сите идни мисии на ФСК на косовскиот север на неопределено време, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

Курти во дописот до Османи нагласува дека по приемот на функцијата премиер, на 3 февруари годинава, побарал од службите во неговиот кабинет веднаш да ја анализираат содржината на тајниот договор, како и неговите уставни импликации.

Подоцна во текот на денот беше објавено уставното толкување од страна на владината правна служба, во кое се вели дека Тачи го прекршил уставот, што претставува основа за започнување на процедурата за негово разрешување од функцијата претседател на Република Косово.

Курти информира дека тајниот договор го добил од официјално лице од северноатлантската алијанса во ноември минатата година, во време кога беше извесно дека, по победата на неговата партија, Движењето Самоопределување (ВВ), на октомвриските избори, тој ќе биде новиот косовски премиер. иа/ссм/

Back to top button
Close
Close