БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Курти им пишува на Трамп и Помпео за плановите во однос на таксата кон Србија

Косовскиот премиер Албин Курти им упати писма на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп и државниот секретар Мајк Помпео, во кои ги информира за чекорите што планира да ги преземе неговата Влада во правец на укинувањето на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Приштина, 2 март 2020 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти им упати писма на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп и државниот секретар Мајк Помпео, во кои ги информира за чекорите што планира да ги преземе неговата Влада во правец на укинувањето на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во одделни писма до Трамп и Помпео, Курти ги објаснува чекорите кои ги најави минатиот четврток, а кои треба да водат кон целосно укинување на таксата, прекин на непријателските дејствија од страна на Србија кон Косово и обновување на дијалогот Приштина – Белград до постигнувањето конечен договор.

– Почнувајќи од 15 март, ние ќе започнеме со укинување на таксата на стоките од Србија и БиХ која беше воведена од претходната Влада. Првин ќе се повлечат таксите за сировините. Ова го правиме како израз на добар дипломатки гест и како знак на нашата определба да работиме заедно со САД за дијалогот со Србија. Ние се надеваме дека на нашите дејствија ќе биде реципрочно возвратено од Белград, од кого очекуваме да ги отстрани сите бестарифни бариери во трговијата со Косово, како и да ја прекине кампањата за повлекувања на признавањата на Косово, се вели во обете писма на косовскиот премиер.

Тој очекува од САД, како и од Европската унија, создавање мониторирачки и санкционирачки механизми, за да се обезбеди дека обете страни ќе се придржуваат на дадените заложби при досегашните договори, како и за оние кои ќе се склучат во иднина.

Во врска со обновувањето на дијалогот со Белград, Курти вели дека во иднина него ќе го води лично тој.

– Владата и јас како премиер го имаме уставниот мандат, политичката волја и законската обврска, како и целосната и ексклузивна одговорност да го преземеме врз себе водењето на овој процес и претставувањето на Косово на највисоко дипломатско ниво, пишува Курти, реферирајќи се на непостоењето, во изминатите две години, на координација меѓу претставниците на Косово „за улогата, интересите и целите во дијалогот со Србија“, како и на фактот дека е „нејасно кој зборува во име на Косово на меѓународната сцена и на преговарачката маса“.

Порачувајчи дека работата со преговорите со Србија „ќе биде завршена“, Курти го нагласува големото значење кое односите Косово – САД го имаат, како за него, така и за владата и граѓаните на Косово“.

На Трамп, косовскиот премиер, кој ја презеде должноста на 3 февруари, му се заблагодарува за постојаната поддршка за Косово, како и за придонесот за стабилноста на регионот.

– Во оваа прилика сакам да Ви се заблагодарам за вашата постојана поддршка за Република Косово, како и за вашето залагање за создавање економски можности, безебдност и опстоен мир на Балканот. Ние го цениме извонредно високо личниот интерес кој што го покажвате за иднината на нашата земја и на регионот, пишува Курти. иа/ссм/

Back to top button
Close
Close