Kultura.SlajderКултураКултура.Портал

Куклената претстава „Јованче и Марика“ за најмладата публика на „Охридско лето“

Драмската програма на „Охридско лето“ за вечерва ја нуди куклената претстава „Јованче и Марика“ на браќата Грим, поставка на Театарот за деца и младинци од Скопје, а во режија на Давор Драгојевиќ.

Охрид, 21 август 2020 (МИА) – Драмската програма на „Охридско лето“ за вечерва ја нуди куклената претстава „Јованче и Марика“ на браќата Грим, поставка на Театарот за деца и младинци од Скопје, а во режија на Давор Драгојевиќ.

Јованче и Марика се најпознатите брат и сестра во литературата за деца. Браќата Грим им подариле „вечен” живот. Генерации и генерации растеа со оваа прекрасна бајка која ни ја покажува вистинската љубов помеѓу братот и сестрата, нивната добрина и нивната желба за среќно семејство.

Марика е мила, малку плашлива, Јованче е љубопитен, храбар, доаѓаат во ситуација сами да се борат со вештерката, која го маѓепсала нивниот татко. Тука, се преплетуваат светот на фантазијата и реалноста. Најважната порака на оваа бајка е дека и во најтешките моменти треба да веруваш во себе.

Дали бајка, во денешниот свет, кога на децата им се нудат најразлични содржини може да опстане? Дали и може да „парира” на современата технологија, на компјутерските игри, нa 3Д анимацијата? Секако дека може и тоа токму во театарот!

Улогите во претставата ги толкуваат Катарина Илиевска – Силјановска, Марија Ѓорѓијовска, Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков и Ангела Димитрова. Драматизацијата е на Дарко Ковачовски и Надја Василева, сценограф и костимофграф – Надја Василева, а музичката подлога за претставата ја креираше Љупчо Мирковски.

За изведбата на „Јованче и Марика“ е резервирана фестивалската сцена „Долни Сарај“, а почетокот на претставата е од 20 часот. аб/мд/

Back to top button
Close
Close