Дописници МКДОпштински вести

Крушевската мултифункционална сала доби пристап за хендикепираните

Таканаречен „гасеничар“ за помош за влез и излез на хендикепираните лица доби мултифункционалната сала во Крушево за да им се овозможи пристап во салата за театар и кино, како и во Младинскиот културен центар во Крушево.

Крушево, 21 април 2021 (МИА) – Таканаречен „гасеничар“ за помош за влез и излез на хендикепираните лица доби мултифункционалната сала во Крушево за да им се овозможи пристап во салата за театар и кино, како и во Младинскиот културен центар во Крушево.

„Гасеничарот“ денеска беше доставен во рамките на проектот „Опремување на мултифункционална сала“. Имаше и обука за негово користење.

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, со набавката на „гасеничарот“ се комплетира проектот за мултифункционалната сала.

-Ја даваме целината на проектот со набавката на овој гасеничар. Со оваа алатка овозможуваме пристап на секој до салата за театар и кино, како и до сите други простории и до содржините кои ќе бидат создадени по реконструкцијата на горната училишна зграда. Соработката со УНДП резултира со вакви проекти кои се инклузивни, вели Христоски.

Претседателот на крушевскиот оветот Тома Петроски е задоволен за набавката на гасеничарот со оглед на тоа дека токму советот е вклучен во реализацијата на вакви инклузивни проекти.

-Проектот „Зајакнување на општинските совети“ во Крушево го продолжуваме со набавката и со инсталацијата на овој „гасеничар“кој ќе овозможи инклузивност, односно, непречен пристап на сите граѓани во просторот каде ќе се одржуваат театарски претстави и ќе се продуцираат филмови во кино-салата. Со оглед на фактот дека просторијата за советниците, која ќе биде опремена за пренесување на седниците во живо, е на погорниот кат во оваа зграда, обезбедуваме и пристап за хендикепираните лица и за претставниците на здруженијата на лица со посебни потреби, објаснува Петроски.

Набавката на „гасеничарот“ е во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со министерствата: за локална самоуправа, зa финансии,  од Заедницата на единиците на локалната самоуправа, од Здружение на финансиски работници и од „UN Women“. ем/сст/

Таг
Back to top button
Close
Close