0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderВидео изјаваОпштество

Кризна состојба во Дебар и Центар Жупа, уште кај четворица потврден коронавирусот, вкупно 13 заболени

Владата на седница утврди дека ќе се воведе кризна состојба во дел од територијата на Република Северна Македонија во општините Дебар и Центар Жупа. Кај четири лица од овие општини е потврден коронавирус и ќе бидат пренесени на Клиниката за инфективни болести. Ова попладнево на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче. Со овие четири случаи вкупниот број заболени во државава изнесува 13.

Скопје, 13 март 2020 (МИА) – Владата на седница утврди дека ќе се воведе кризна состојба во дел од територијата на Република Северна Македонија во општините Дебар и Центар Жупа. Кај четири лица од овие општини е потврден коронавирус и ќе бидат пренесени на Клиниката за инфективни болести. Ова попладнево на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче. Со овие четири случаи вкупниот број заболени во државава изнесува 13.

Посочи дека сите пациенти кај кои е потврден вирусот се стабилни освен пациентката од брачниот пар од Дебар кај кои првично беше потврден вирусот. Таа има дополнителни влошувања на состојбата и е практично на граница за да биде поставена на механичка вентилација.

– Специјалистите се надеваат дека со цела дополнителна терапија ќе го надмине овој период, но подготвени се и доколку има дополнително влошување, согласно параметрите и сатурацијата на кислород да биде поставена на машина за дишење, рече Филипче.

Посочи дека вчера со соопштение информирале за тестираните лица за кои беше поставена индикација во текот на попладнето и сите се негативни.

– Денеска дојдоа за тестирање материјали од Центарот за јавно здравје од Дебар, за уште 10 лица во врска со втората група хоспитализирани пациенти, вкупно 24, сите во домашна изолација. Од нив 10 покажале знаци за горнореспираторно заболување. Локалниот епидемиолог ги земал материјалите и ги прати на испитување – четири од нив се позитивни, тоа значи уште четири нови пациенти, кои ќе бидат префрлени на Клиниката за инфективни болести. Сите четворица се со лесна клиничка слика, тоа беше причина зошто дополнително со членовите на Комисијата за заразни болести утрово разговаравме. Тие информации ги изложивме и пред Републичкиот комитет во Центарот за управување со кризи и тоа беше причина зошто Управувачкиот комитет предложи да се воведе кризна состојба на овој дел во општините Дебар и Центар Жупа и веднаш потоа на истата седница на Влада се донесе одлука за ограничување на движењето на луѓето кои живеат во овие општини, истакна Филипче.

Согласно Законот, потенцира, во следните 24 часа ние веќе закажавме седница на Комисијата за заразни болести и на Управувачкиот комитет, уште една во тек на попладнето за да се разработи оперативниот план, што ќе значи детали во однос на тоа како ќе се функционира во рамки на овие општини, каде сега е кризна состојба и врз основа на тие заклучоци и мерки, кои ќе се донесат во текот на попладнето на прес конференција или со соопштение ќе ја информираме јавноста.

– Еден патник, кој е стигнат на Скопскиот аеродром, наш државјанин од Германија, е суспектен заради тоа што е регистрирана лесно зголемена температура, тој е изолиран и е земен материјал за испитување и изолирани се дел од луѓето кои седеле околу него согласно препораките. Веднаш по пристигнување и изготвување на резултатите ќе информираме за неговата состојба и врз основа на резултатот што ќе се преземе понатаму во лекувањето, секако, согласно тоа и другите патници. Целосно денеска се почитува забраната за влез на странски државјани, кои доаѓаат од земјите со висок ризик согласно вчерашната одлука на Владата, додаде Филипче.

На Клиниката за инфективни болести има вкупно девет пациенти, а првозаболената чии резултати се негативни ќе биде пуштена на домашно лекување. Од деветте пациенти една е од Скопје, и седум се од Дебар, од кои двајцата се брачниот пар, пет што дојдоа дополнително и четворицата кои се потврдени денеска. рп/ац/

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close