Дописници МКДКултураКултура.ПорталОпштински вести

Крива Паланка откупи публикации и продукции од локалните автори 

Со потпишување на договори за откуп на самостојно реализирани публикации и продукции од локалните автори во Крива Паланка денеска беше официјализирана првата иницијатива за откуп на дела од творци од општината.

Крива Паланка, 31 октомври 2018 (МИА) – Со потпишување на договори за откуп на самостојно реализирани публикации и продукции од локалните автори во Крива Паланка денеска беше официјализирана првата иницијатива за откуп на дела од творци од општината.

Потпишувањето се одржа во Градскиот музеј, институција која во соработка со општината го спроведе јавниот конкурс, на кој сите пријавени 12 автори со дела од литература и музичко-сценска дејност остварија право на откуп.

– Идејата на целата оваа активност е да се поддржи творештвото на локалните автори, индиректно преку откуп на одредени тиражи. Единствена општина сме во Македонија која се одлучи на ваков начин да го стимулира творештвото на авторите од градот. Согласно годишната програма, откуп врши единствено Министеството за култура. Сите 12 автори се стекнаа со право на откуп, бидејќи дел од нив немаа поголем тираж, а сите се вклопија во правилата на повикот и предвидениот буџет што општината го издвои за оваа намена, изјави директорот на Градскиот музеј Драган Величковски.

Делата пријавени на конкурсот датираат од пред една деценија и од неколкуте години пред нас.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, рече дека оваа иницијатива во наредниот период ќе продолжи, а општината ќе направи напори да ги помогне творците од градот.

– Оваа активност е еден вид валоризација на придонесот што авторите го имаат во збогатувањето на културата и нивниот потенцијал треба да се цени и да се промовира творештвото. Чест ми е што голем број локални творци ја препознаа оваа идеја како начин на кој сите ние заедно го збогатуваме културниот начин на живот и  ја промовираме општина Крива Паланка во најдобро светло, истакна Мицевски.

Дел од откупените дела ќе бидат доставени до библиотеките на основните и средните училишта во Крива Паланка, во Градската библиотека и во Градскиот музеј.

На конкурсот се откупени стихозбирки на Оливера Станковска, Светлана Лазаревска, Кристина Илиевска, Ленче Максимовска и Ирена Стевановска, романите „Сеќавања“ на Христијан Цековски и „Фениксот на  заборавената љубов“ на Ирена Стевановска и носачи на звук од бендот „РГБ“- албумот „Мамурни утра“ и   „Распеано симитче“-детски фестивал , на Центар за аудио и аудио-визуелни уметности, Крива Паланка. ид/бак/

Back to top button
Close
Close