Biznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономија

Кредитниот раст лани достигна шест проценти

Економската активност растеше и во третиот квартал од минатата година, а расположливите податоци за четвртиот квартал засега се во согласност со очекувањата за поумерен економски раст во последниот квартал, оценува Народната банка. 

Скопје, 30 јануари 2020 (МИА) – Продолжува растот на кредитната активност и на депозитната база на банките, што упатува на стабилни очекувања и зголемена доверба. Поконкретно, кредитниот раст, минатата година достигна шест проценти, додека растот на вкупните депозити изнесува девет проценти, наведува Народната банка во Извештајот за четвртиот квартал лани.

Во извештајот е истакнато дека во следниот период се очекува дека депозитната база на банките и натаму ќе се зголемува, обезбедувајќи стабилни извори за финансирање на кредитниот раст.

Според оценката на Советот на Народната банка, монетарната поставеност е соодветна на постојните и проектираните економски и финансиски услови, при здрави економски основи и без присуство на нерамнотежи во економијата.

– Макроекономските показатели не отстапуваат значително од проектираната патека. Економската активност растеше и во третиот квартал од минатата година, а расположливите податоци за четвртиот квартал засега се во согласност со очекувањата за поумерен економски раст во последниот квартал, оценува Народната банка.

Годишниот раст на домашните цени во четвртиот квартал минатата година забави и беше под очекувањата од октомвриските проекции. За целата мината година, годишната стапка на инфлација изнесува 0,8 проценти и не отстапува значително од октомвриската проекција од еден процент.

Како што е наведено во Извештајот, последните расположливи податоци за билансот на плаќања не упатуваат на поголеми отстапувања кај тековните трансакции и тековите во финансиската сметка, во однос на проекциите. Податоците за четвртото тримесечје покажуваат натамошен раст на девизните резерви, којшто ги надмина очекувањата. Според сите показатели за адекватноста, резервите и натаму се во сигурната зона.

При разгледувањето на Извештајот било истакнато дека ризиците од надворешното и домашното окружување и понатаму постојат, без позначајни промени во однос на октомвриските проекции. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика. лв/дма/

 

Back to top button
Close
Close