0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталMakedonija.SlajderВидео изјаваОпштествоТема

Ковид-19 инфодемијата низ призмата на медиумските работници

Известувањето среде пандемија беше и остана голем предизвик во кој новинарите и медиумските работници, потиснати од бранувањата на информациите и дезинформациите поврзани со Ковид-19 пандемијата, имаа за задача да проценат дали во веста предвидена на дневниот ред превагнува јавниот интерес или претпазливоста од ширење на паника. МИА разговараше со неколку новинари и медиумски работници кои ги споделија своите искуства минувајќи низ сите предизвици на инфодемијата која го запоседна светот и јавното мнение. 

Скопје, 3 мај 2021 (МИА) – Известувањето среде пандемија беше и остана голем предизвик во кој новинарите и медиумските работници потиснати од бранувањата на информациите и дезинформациите поврзани со Ковид-19 пандемијата, имаа за задача да проценат дали во една вест преовладува јавниот интерес или претпазливоста од ширење на паника. МИА разговараше со неколку новинари и медиумски работници кои ги споделија своите искуства минувајќи низ сите предизвици на инфодемијата која го запоседна светот и јавното мнение. 

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, посочи дека инфодемијата е глобален, а не е само ексклузивен македонски проблем, и со него се соочуваат сите новинарски организации насекаде низ светот, но и граѓаните како последни консументи на она што го нудат медиумите.

– Како се соочивме? Би рекол различно. Не сите исто, не сите еднакво. На почетокот, мислам дека и самото новинарство беше малку збунето и затекнато од целата ситуација. Како поминуваше времето така се будеа и новинарите и оние истражувачки стории кои што се поврзани со пандемијата, па дури и со злоупотреби на одредени сегменти на таа пандемија. Така што, мислам дека генерално одговоривме на предизвиците иако подобрувања секако се потребни, сподели Чадиковски.

Ана Цветковска, уредничката на генералниот сервис на Медиумската информативна агенција – МИА, посочи дека пандемијата сама по себе предизвика паника, а улогата на медиумите е објективно известување за сè што се случува во врска со коронавирусот.

– Вестите не секогаш се позитивни, секојдневно известуваме за новозаразените, за луѓе кои што починале од коронавирусот. Сме некаде меѓу страшната вистина и потребата луѓето да знаат што се случува. Можам да кажам дека можеби, станува збор за некој вид на здрав страв, како што велиме стравот го чува лозјето. Значи треба да го направиме балансот меѓу тоа граѓаните да бидат свесни што се случува, бидејќи се соочувавме со многу теории на заговор од типот дека коронавирусот не постои, дека сето ова се случува за да бидеме контролирани, за да бидеме чипувани, вели Цветковска.

Таа заклучува дека задачата воопшто не е лесна и треба да се потрудиме да внесеме еден смирувачки тон, да не предизвикуваме паника помеѓу граѓаните.

Во однос на лажните вести Цветковска посочи дека можеби пандемијата на некој начин отвори нов терен за употреба на лажните вести, за користење на еден нов феномен, на оние центри на моќ, политички и секакви, што ги користат лажните вести за своите интереси и цели. При што, вели таа, неопходна е проверка на информациите од два-три или повеќе извори и избегнување на политичката пресметка, бидејќи здравјето на граѓаните нема цена и здравјето не смее да биде цел на политичка пресметка на кој било во оваа ситуација.

Марина Тунева, извршниот директор на Советот за етика во медиумите на Македонија, сподели дека имајќи предвид со какви притисоци се соочија самите редакции и во какви услови мораа да работат новинарите и медиумските работници, со цел да известуваат за теми од јавен интерес, притоа, внимавајќи да не поттикнат дополнителна вознемиреност и паника кај населението, мораа внимателно да проценат во целата таа динамика на обврски дали известувањето за јавниот интерес подразбира дека се води и сметка за да се смири паниката и вознемиреноста кај населението што, според неа, е очекувано и нормално во вакви услови.

– Предизвикот да се биде носител на оваа професија подразбира да се проверат информациите, точноста, потеклото, релевантноста на тие информации, кој е изворот кој што ги пласира. Ние за жал имавме случаи каде што селективно се пренесуваа наводи и сознанија од истражувања, меѓутоа, не претставени во вистинскиот контекс, така што, се случуваше дел од јавноста да биде донесена во заблуда во однос на таквите информации, вели Тунева за МИА.

Новинарот Александар Динев од Телевизија Сител, кој го покрива секторот здравство, вели дека за жал, трагичните настани во оваа пандемија беа во голем број и мораа да се пласираат оние таканаречени „црни информации“, а од друга страна требаше да се внимава да не се предизвика страв кај луѓето. Сепак, тој претпоставува дека и гледачите и граѓаните се свесни оти мора да ја слушнат вистината.

– Јас и моите колеги се обидувавме секогаш да го почитуваме она новинарско правило да ги провериме информациите најмалку од два извори. На почетокот на пандемијата беше доста комплицирано да се известува, бидејќи тогаш бројките на новозаразени излегуваа многу доцна попладне, зборувам за оние официјални бројки и статистики од Министерството за здравство, а веќе дента или попладне, голем број на медиуми веќе имаа информации кои многу често се покажуваа дека се грешни, вели Динев.

Менче Атанасова Точи од Телевизија 24 Вести со МИА сподели дека на почетокот од пандемијата, новинарите што работат од секторот здравство биле повикани и биле замолени да внимаваат како ќе ги пренесуваат информациите, бидејќи се работи за многу суптилна проблематика во време на пандемија.

Освен дезинформации, се појавуваа лажни вести, се појавуваа теории на заговор, кои што ги пласираа дури и лекари, дури и интелектуалци, луѓе на кои што сме им верувале претходно. Така што, многу беше важно и беше навистина тешко да се дојде до вистинска информација. Меѓутоа, мислам дека професионалците во целиот тој багаж од различни информации успеваа да дојдат до вистинската информација, вели Точи.

Тамара Грнчаровска од Телевизија Телма посочи дека смета оти без оглед на тоа што се случувало, многу пати јавноста сметала дека новинарите можеби креваат паника.

–  Јас мислам дека сите информации кои што сме ги пласирале биле проверени и соопштени на начин да не се создаде паника, мислам дека медиумите успеаја во тоа, вели Грнчаровска.

Новинарката Вјолца Алити од Телевизија Алсат со МИА сподели дека често се случувало граѓаните да се соочат со бројни дезинформации.

– Како новинар сум се обидувала на непристрасен начин да ги пласирам вестите или прилозите. Мислам дека многу граѓани станаа плен на дезинформации, меѓутоа јас лично без да ја потврдам веста не сум ја пласирала истата, не сме ја објавиле, изјави Алити.

Весна Никодиноска од Македонски институт за медиуми вели дека голем дел од публиката практично не ги разликува вистинските информации од дезинформациите, манипулацијата и пропагандата.

– За да може да биде во состојба публиката тоа да го прави, ние се залагаме за вклучување на медиумската писменост во формалното образование уште од најраната возраст. Меѓутоа, сметаме дека треба да се работи и на критичкото размислување на сите возрасни групи, вели Никодиноска.

Информирајќи помеѓу мноштвото информации и дезинформации што го преплавија светот, беше неопходно новинарите и медиумските работници да споделат добро структуирани, проверени, точни и навремени информации. Селективноста не изостана а неизвесниот, неоткриен свет на коронавирусот предизвика инфодемија која што често ја носеше јавноста во заблуда. Пандемијата трае, предизвикот останува. За позитивен исход е неопходна медиумска писменост и критичо размислување.

Ангела Рајчевска

Кристина Ивановска

Видео: Аслан Вишко

Таг
Back to top button
Close
Close