0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталДописници МКДМИА ИстражуваОпштествоСторија

КОВИД-19 го одложи 5-тото „Ретро кар-шоу“ во Делчево

Кога ќе се спомене зборот олдтајмер во Делчево прво што ќе му падне на памет на секој делчевец е Лоренцо Трајановски, претседател на здружението на клубот „Кралеви на патиштата“ (King’s of the roads), кој е пасиониран вљубеник во ретро автомобилите. Во услови кога деновиве владее корона-пандемијата, Трајановски, покрај својата редовна работа како пожарникар, времето во карантин го поминува реставрирајќи дел од автомобилите во својот возен парк. Меѓу нив и автомобил од класата на фолксваген, моделот К70, кој во Македонија, како што ни раскажа Трајановски, го поседуваат само четворица пасионирани вљубеници во олдтајмерите.

Делчево,  11 април 2020 (МИА) – Кога ќе се спомене зборот олдтајмер во Делчево прво што ќе му падне на памет на секој делчевец е Лоренцо Трајановски, претседател на здружението на клубот „Кралеви на патиштата“ (King’s of the roads), кој е пасиониран вљубеник во ретро автомобилите. Во услови кога деновиве владее корона-пандемијата, Трајановски, покрај својата редовна работа како пожарникар, времето во карантин го поминува реставрирајќи дел од автомобилите во својот возен парк. Меѓу нив и автомобил од класата на фолксваген, моделот К70, кој во Македонија, како што ни раскажа Трајановски, го поседуваат само четворица пасионирани вљубеници во олдтајмерите.
– Се работи за многу ретка кола, која не се гледа често на овие простори, бидејки е редок модел на олдтајмер. Моделот е произведен во 1974 година и за нејзини години мислам дека е перфектно одржана. За ова возило не сум имал многу проблеми околу одржувањето, затоа што немало потреба за тоа. Како вљубеник во старите автомобили можам да кажам дека во Делчево конкретно најстариот датира од 1966 година. Тоа е форд таунус, автомобил што го поседува делчевецот Емил Илиевски, и москвич што е сопственост на нашите сограѓани Васко и Ангелчо Ристовски, објаснува Трајановски.
Бројот на возила што ги поседува делчевскиот вљубеник во олдтајмерите во моментот изнесува 17 стари автомобили. Неговата идеја е да стигне до бројката од 20 автомобили и потоа да направи мал ретро кар-музеј.
– Сакам да направам еден ретро музеј на стари автомобили, како оној на колегата Дионис Пашлаков од Неготино. За нашиот град ќе значи едно убаво место, кое туристите и граѓаните од регионот ќе можат да го посетат. Тоа се сите планови што мислам дека со текот на времето ќе ги остварам. Дваесет олдтајмери за почеток мислам дека ќе бидат доволни да почне да работи музејот успешно, додава Трајановски.
Делчевскиот вљубеник во олдтајмерите за реставрациите на моделите што ги поседува вели дека секогаш се потребни повеќе финансии за нивно одржување. Сепак, на крајот, како што дополни, секогаш е задоволен кога ќе го види крајниот резултат од направеното.
– Еден од тие автомобили со кои сум задоволен од тоа како излезе реставрацијата е фолксваген буба. За нејзина реставрација одвоив околу 60 илјади денари, но морам да признаам дека вредеше, бидејќи може да погледнете на фотографиите има прекрасен изглед и е многу ретка и стара кола. Автомобилот датира од 1967 година и за нејзини 53 години е навистина нешто прекрасно. Со таа реставрација ѝ го продолживме векот најмалку уште за 20 години. Сега сум во план да реставрирам еден трабант, автомобил што впрочем како и сите други што ги поседувам е редок модел, додава Трајановски.
Како резултат на пасионираноста кон олдтајмерите Трајановски пред неколку години го формираше здружението „Кралеви на патиштата“, кое, како што додава, полека но сигурно собира искуства и од година на година не само што организира, туку и учествува на голем број вакви манифестации на Балканот и низ Европа.
– Што се однесува до самото здружение, како дел од соработката со здруженијата од Бугарија, ние од оваа година и официјално влеговме во нивниот календар на настани. Доколку се среди ситуацијата со корона-кризата годинава здружението „Кралеви на патиштата“ има покана за учество на „Балкан бус-митинг“ во Ниш, Србија. Се работи за настан на кој учествуваат сопственици на комбиња фолксваген Т-3, нешто што од минатата година на неколкуте члена на здружението им стана дополнителна пасија, додава Трајановски.
За што подобра организација за учеството на овој настан од неодамна Трајановски започна со преадаптација на неговото лично возило фолксваген Т-3, модел што освен него го поседуваат уште неколку членови на здружението.
– Како што кажавме по враќањето на животот во нормала планираме првпат како претставници од Македонија да учествуваме на 10-от „Балкан бус-митинг“, кој летово ќе се одржи во Ниш, Србија. Учеството на настанот ќе го искористиме да им предложиме на организаторите, доколку за следната година не се закажани местото и терминот за одржување, наредната година да биде во Делчево. Ние таму ќе учествуваме три-четворица членови на здружението, еден од нив е и сопственикот на автосервисот во Делчево, кој ни го отстапува за решавање какви било проблеми со возилата. Таквите возила се прекрасни затоа што можат да се претворат во вистински кампер. Имаме некои нејаснотии затоа што внатре во возилата треба да се инсталира, струја, да се стави вода за што се консултираме со колеги од Грција, Србија и од Бугарија. По западните земји тоа многу се цени, на тие комбиња внатрешно им се сече капакот, а потоа се става специјален капак, со што просторот станува поголем и служи за спиење на повеќе луѓе. Долу имаат опремени спална за двајца, покрај неа има кујна и фрижидер, маса за јадење, така што во план сме да го преадаптираме комбето што го гледате на фотографиите во таков кампер, со што почесто ќе можеме да учествуваме на такви бус-митинзи, додава Трајановски.
За Трајановски, годинава најголем предизвик беше организацијата на 5-тата „Ретро кар-изложба“, која требаше да се одржи на 11 април 2020 година, но поради КОВИД-19 се одложи.
– Се работи за ретро кар-изложба што ја почнавме пред неколку години со Емил Илиевски и три-четворица наши сограѓани. На почетокот стравувавме дека можеби нема да бидеме успешни, но меракот беше голем и затоа одлучивме да ја направиме првата олдтајмер-изложба. На неа дојдоа 38 автомобили и тоа за нас беше уште поголем елан за да прерасне во републичка изложба. Првата, како што кажав, беше локална, втората републичка, а потоа третата и четвртата прераснаа во прекрасни собири на балканските олјдтајмерџии. За жал, поради добро познатите околности, оваа 5-та изложба, која беше планирана за 11 април, се одложи, иако за настанот свое учество потврдија околу 80 возила. Договрено беше овде да дојдат колеги од Грција, Бугарија и од Србија, а како дел од преговорите имавме и потврда за учество и на колеги од Косово. Настанот од година на година е сè попопуларен. Пред две години имавме специјална телевизиска екипа од Софија, која направи емисија за нашето „Ретро кар-шоу“ и судејќи според коментарите на јутјуб-мрежата, каде што може да се погледне емисијата, тие беа позитивни. Како што тогаш кажа водителот и луѓето беа импресионирани, бидејќи ги радуваше фактот што автомобилите се оригинални, не се дотерувани и шминкани и колите се такви какви што се во гаражите. Остана нивниот впечаток, а со тоа и позитивните коментари, дека оригиналниот изглед секогаш е најскап и најубав, додава Трајановски.
Лоренцо не отстапува од организацијата за овој настан, но како што вели, ќе се организира штом ќе се создадат поволни услови за тоа, за што јавноста ќе биде благовремено известена.
– Апелирам до сите наши колеги, да се чуваат од овој денешен предизвик со кој сите се соочуваме, а потоа слободно, кога ќе дојде време, повторно да се пријават кај нас. Ќе имаме награди за сите учесници, олдтајмерите ќе бидат поделени во неколку категории, ќе следуваат пехари за најдобрите и ветувам дека ќе има што да се види на собирот, додаде за крајот од разговорот Трајановски.
Делчевскиот вљубеник во олдтајмерите го оставивме во работна атмосфера покрај неговиот камион во Територијалната противпожарна единица во Делчево, кој според неговите карактеристики ги исполнува сите услови да учествува на следното 5-то „Ретро кар-шоу“ во Делчево кога и да се одржи.
Валери Спасевски

Back to top button
Close
Close