Политички партии

Костадинов: Платите растат и во 2020 година, повисоки плати во образованието и здравството од јануари и февруари

СДСМ останува посветена на обезбедување што повеќе пари во секое семејство.

Скопје, 8 јануари 2019 

СДСМ останува посветена на обезбедување што повеќе пари во секое семејство.

Растот на платите продолжува и во новата 2020 година.

Веќе од овој месец вработените во основното, средното и високото образование добиваат повисока плата за 10 отсто.

Тоа значи дека околу 32.000 граѓани вработени во образованието и науката ќе добиваат повисока плата.

Од февруари повисоки плати ќе добијат и вработените во здравството. Лекарите специјалисти, општите лекари, медицинските сестри, здравствените соработнции, техничкиот персонал, односно над 18.000 вработени во јавното здравство од следниот месец ќе добијат значително повисоки плати.

Вреди да се истакне дека платата на еден лекар специјалист на некои клиники веќе сега достигнува 100.000 денари. Од февруари платата на лекарите специјалисти со дежурства на клиниките ќе надминува 100.000 денари, а во општите болници ќе биде приближно 100.000 денари. Тоа е остварување на нашето ветување за плата од 100.000 денари за лекарите специјалисти.

Политиките на СДСМ во економијата овозможуваат и повисоки плати во приватниот сектор. Со мерката за субвенционирање на придонесите од задолжителното осигурување за оние компании кои ќе ја покачат платата на вработените до 6.000 денари, денес повисока плата добиваат околу 92.000 вработени.

Инвестираме и во младите. Преку младинскиот додаток сите млади до 23 години возраст вработени во производството ќе добиваат дополнителни 3.000 денари месечно.

СДСМ ги продолжува политиките преку кои се инвестира во човечкиот капитал. Без задоволни и мотивирани работници нема доволно силен економски напредок и затоа продолжуваме да работиме на обезбедување повисоки плати во сите сектори.

Со СДСМ платите растат многу побрзо а економијата е постабилна и поконкурентна.

На прав пат сме, и на тој пат продолжуваме заедно со граѓаните и по победата на 12 април.

Прес-конференција на Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник

Одговори на новинарски прашања:

П1: Во врска со МВР, дали станува збор за менување и разрешување на досегашните началници, веќе имаме дополнителни началници, и дали секој предлог на техничкиот министер ќе биде прифатлив за СДСМ?

Одговор Јас не можам да зборувам дали секој можен предлог од техничкиот министер во МВР ќе биде прифатлив, веројатно станува збор за тоа какви кадри тој ќе понуди. Секако, ние како одговорна партија, со нашите луѓе кои што се во институциите ќе го почитуваме законот за влада, односно законот за техничката влада од 100 дена до избори.

П2: Ќе имаме ли дополнителни началници, или разрешувања?

Одговор За секое интерно прашање за МВР ве упатувам да се обратите, токму таму.

П3: Дали може да потврдите дека станува збор за бивши советници на Чавков и Јанкуловска?

Одговор Се додека тоа не се официјализира од надлежното министерство, односно од МВР не е принципиелно од партија да ги комуницираме и дебатираме предлозите во МВР.

П4: Дали се договоривте кога ќе биде ратификацијата за НАТО, и ВМРО-ДПМНЕ бара од вас да ги разрешите Мерсиха Смајловиќ и Зоран Бојаровски?

Одговор: Добро е и мотивирачки за нас што успеа Шпанија да формира Влада, секако дека членството во НАТО на Република Северна Македонија е техничко прашање. Реализирана е, заедно на СДСМ со коалицијата, стратешката цел на државата, а тоа е интеграцијата во НАТО Алијансата. Јас очекувам дека многу брзо ќе дојде моментот да го ратификуваме договорот и во Собранието во Република Северна Македонија. Од таа причина очекувам и повикувам на одговорност на сите политички чинители, внатре во Собранието.

Во однос на другото прашање, секако дека СДСМ стои зад концептот на едно општество за сите. Мерсиха е еден од луѓето којшто силно ја поддржува реализацијата на концептот едно општество за сите, од таа причина не гледам никаква потреба да биде разрешена од Комисијата.

П5: Како го оценувате тој коментар од нејзина страна­, каков е вашиот став?

 Одговор: Нашиот став е кон сите, без разлика дали е од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ да, во овие моменти кои што ќе бидат тензични во предизборието, бидеме внимателни во однос на коментарите, се со крајна цел да не повредиме било која целна група на граѓани независно дали станува збор за еврејската заедница, независно од тоа дали станува збор за Македонците, Албанците, Турците или за било која друга заедница во државата.

П6: Законот за одбрана, ако опозицијата не прифаќа промена на името, а од другата страна се предвидува истиот да се усвои бидејќи е дел од фазата за подготвување во НАТО?

Одговор – Неколку пати и во прес конференции и во одговор на новинарски прашања и во дискусијата во рамки на собранието, дали во комисиите или на пленарна седница, зборувам за страшното лицемерие на опозициската ВМРО- ДПМНЕ. Знаете како, имаме најголема опозициска партија која што не го поддржуваше Законот за одбрана и не го поддржува, ако нешто не се сменило не знам , исклучиво заради тоа што во Законот стоело нашето уставно име Република Северна Македонија. Истото тоа ВМРО-ДПМНЕ немаше никаков проблем да предложи дополнителни заменици министри, да предложи технички министри во владата на Република Северна Маакедонија, истото тоа ВМРО-ДПМНЕ нема апсолутно никакви проблеми да зема плата од буџетот од институциите во Република Северна Македонија. Истото тоа ВМРО-ДПМНЕ нема апсолутно никакви проблеми кога станува збор за нивното членство во Европската народна партија каде што се заверени под името Република Северна Македонија. Ова е само потврда на лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ кое што буквално нема крај. Ние секојдневно ја повикуваме опозициската ВМРО- ДПМНЕ да си го каже нивниот став јасно и гласно дали се за интеграција на Северна Македонија во НАТО и во Европската унија или ќе бидат докрај попречувачи на нашата интеграција, докрај ќе ја попречуваат иднината на граѓаните на Република Северна Македонија. Знам колку им е тешко на ВМРО-ДПМНЕ да имаат став, токму поради тоа на 12-ти април СДСМ заедно со граѓаните ќе извојува огромна победа за државата и за граѓаните.

П7: Станува се поизвесно дека албанските политички партии не се баш за предизборна коалиција со СДСМ, дали понатаму ќе се трудите и ќе бидете во контакт со овие партии?

Одговор –     Концептот на СДСМ е многу јасен, СДСМ има програма, СДСМ има концепт со кој што ќе излезе пред граѓаните. Во делот на предизборни коалиции не би сакал да зборувам мислам дека, се уште е рано, секако во рамките на телата и органите на партијата кога ќе се носат одлуките, кога тие веќе ќе бидат донесени, секако вие медиумите, а преку вас и пошироката јавност ќе биде запознаена со деталите.

___________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Back to top button
Close
Close