Svet.SlajderБалканБалкан.ПорталДописници Свет

Косовското Собрание повторно без кворум за ратификување на меѓународни договори

Собранието на Косово денеска повторно не успеа да ратификува пет меѓународни договори, во вредност од над 60 милиони евра, јави дописникот на МИА од Приштина.

Приштина, 23 јуни 2020 (МИА) – Собранието на Косово денеска повторно не успеа да ратификува пет меѓународни договори, во вредност од над 60 милиони евра, јави дописникот на МИА од Приштина.

За ратификување на договорите беа потребни 81 глас од 120-члениот парламент, меѓутоа на гласањето, по  неколкучасовната дебата, не присуствуваа пратениците на опозициските Движење самоопределување (ВВ) и Демократската партија на Косово (ПДК).

Во собраниската сала, кога требаше да се гласа, останаа само 58 пратеници од партиите од владејачката коалиција, предводена од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на премиерот Авдулах Хоти.

За изгласување на договорите повика и собраниската спикерка Вјоса Османи, иако таа претходно силно се противеше на уривањето на владата на лидерот на ВВ Албин Курти и формирањето на новата, предводена од нејзиниот сопартиец Хоти.

Таа порача дека доколку истече рокот на договорите со Светската банка, кои се активни само до крајот на овој месец, Косово ќе изгуби многу, вклучително помошта за борба против Ковид-19.

– Што се однесува до овие договори, јас им должам на граѓаните да гласам „за“. Ова нема врска со политичките ставови. Секој договор ќе го има мојот глас, кога се работи за доброто на Косово. За такви прашања е потребна соработка, рече Османи.

Собранието одлучи за договорите да се расправа на првата наредна седница.иа/сд/

Back to top button
Close
Close