Дописници МКДОпштински вести

Коронавирусот ја наполни струмичката болница

Зголемениот број заразени од Ковид-19 ги наполни сместувачките капацитети во струмичката болница, информира директорот д-р Наќе Гогов.

Струмица, 18 септември 2020 (МИА) – Зголемениот број заразени од Ковид-19 ги наполни сместувачките капацитети во струмичката болница, информира директорот д-р Наќе Гогов.

Според него, Инфективното одделение е веќе полно и таму се лекуваат 15 пациенти со полесна клиничка слика, додека тие со потешка се пренесуваат во Скопје.

– На Инфективното одделение има вкупно 25 кревети, но заради протоколите таму можат да се лекуваат само 15 пациенти, колку што има сега. Капацитетот е исполнет и веќе размислуваме за искористување на друг простор, вели директорот Гогов.

Според него, во зависност од растот на бројот на новозаболени ќе се одлучи каде ќе се лекуваат новозаболените.

– Засега размислуваме хируршките амбуланти да ги подготвиме за прием на пациенти, а доколку бројката почне енормно да расте, тогаш болните ќе ги лекуваме на првиот кат од новиот болнички крак. Се надевам дека нема да дојде до тоа, но во секој случај сме подготвени за прием на нови пациенти во овие простории кои се во рамки на болницата и најмногу одговараат за сместување на овие пациенти, рече директорот на струмичката болница, д-р Наќе Гогов.

Во последните два дена во Струмица има 30 нови случаи на заразени од Ковид-19, а меѓу нив вчера е регистрирано и петгодишно дете од струмичката градинка.

Од почетокот на пандемијата на територијата на Центарот за јавно здравје има регистрирани 142 лица заразени со коронавирус, од кои активни се 78, а досега починале седум лица. рт/цр

Back to top button
Close
Close