0_Македонија.ПорталГраѓански сектор

Конференција за корупцијата при вработување на лицата со попреченост

3аклучокот на дискутантите е дека надлежните треба уште повеќе да помагаат, но и дека лицата со попреченост самите треба да бидат проактивни и похрабри во борбата против корупцијата и злоупотребите.

Скопје, 26 јуни 2020 (МИА) – Здружението „Полио Плус – движење против хендикеп“, денеска во Скопје одржа конференција на тема „Коруптивни практики при вработување на лицата со попреченост“.

Проектот е поддржан преку програмата „Заедно во борба против корупцијата“ на „Цивика мобилитас“.

На конференцијата беше презентирана публикацијата „Корупцијата и лицата со хендикеп низ вработувањето”, како и наодите од истражувањето кои ги опфатија прашањата околу перцепцијата на корупција во оваа сфера и тоа колку таа е препознаена од страна на самите лица со попреченост при нивно вработување, колку бенефициите кои се регулирани со „Законот за вработување на инвалидни лица“ се, или можат да бидат цел на коруптивни практики.

Едно од прашањата на кои беше ставен фокус, е – како може да се спречи корупција при вработувањето лица со попреченост? Според Елена Кочоска, проектен координатор на „Полио Плус“, државата во последниве 10-тина години нуди можности и механизми за заштита од злоупотреба на оваа група граѓани, но еден од проблемите е неинформираноста и незинтересираноста на самите луѓе со попреченост.

– Причините лежат и во тоа што лицата со хендикеп се исклучени од креирањето на политиките кои нив ги засегаат. Причините за тоа пак, се должат и на ниското образование и немањето квалификации. А, секако, тука најголем проблем е нашата незаинтересираност, нагласи Кочоска.

3аклучокот на дискутантите е дека надлежните треба уште повеќе да помагаат, но и дека лицата со попреченост самите треба да бидат проактивни и похрабри во борбата против корупцијата и злоупотребите.

Целта на проектот е да се придонесе кон подигнување на свеста и интересот на граѓаните за препознавање и спречување на коруптивните практики при вработување на лица со хендикеп, детектирање на степенот на свест на лицата со хендикеп за препознавањето на корупцијата при нивно вработување во заштитни друштва и бизнис секторот, како и едукација за успешно препознавање и спречување на коруптивните практики при вработување на лицата со хендикеп.

Натаму, стана збор и за пристапноста до институциите за лицата со попреченост, како фактор што води кон корупција и недоследности. Дискутантите се согласија околу тоа дека на ова треба уште многу да се работи – да се тргнат, пред сѐ физичките пречки во достапноста до самите установи, но и да се поедностави цела таа „бирократска голгота“ до целта.

Еден од дискутантите, Слободан Иванов, кој на конференцијата учествуваше во својство на член на „Полио плус“, рече дека неговата процедура за прибирање на цела документација за вработување, траела неколку месеци, пред да се стигне до целта.

– Сегашните процедури се во скоро секој поглед – сложени. Сѐ тоа опфаќа одење од еден шалтер на друг, посетување над десет институции, и тоа по неколкупати. Па треба да се посетат и неколку комисии… За некои лица со попреченост, тоа е изводливо, способни се да го „истрчаат“, да го истуркаат сѐ тоа докрај. Но што е со лицата со попреченост кои немаат помош и, просто, не можат со месеци да одат од една институција во друга? За некои тоа е преголем напор. Тоа, просто, мора да се поедностави, смета Иванов.  си/са/

Таг
Back to top button
Close
Close