Kultura.SlajderКултураКултура.Портал

Концерт на врвни грчки уметници и театарската претстава „Чудесна терапија“ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ денеска ќе се одржат два настана, концерт на грчките уметници на виолончело и пијано – Христос Гримпас и Џорџ Емануел Лазаридис, како и театарската претстава „Чудесна терапија“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје.

Охрид, 9 август 2020 (МИА) – На „Охридско лето“ денеска ќе има два настана, концерт на грчките уметници на виолончело и пијано – Христос Гримпас и Џорџ Емануел Лазаридис, како и театарската претстава „Чудесна терапија“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје.

И концертот и претставата ќе се одржат на сцената во Предворјето на „Света Софија“, концертот од 17:00, а театарската претстава од 21:00гфд часот.

На програмата на концертот на грчките уметници Гримпас и Лазаридис се дела од Рахмањинов и Мусоргски.

Христос Гримпас студиите ги почнува на Државниот конзерваториум во Солун, а продолжува да студира на Универзитетот за уметности во Берлин. Магистрира на познатата Висока школа за музика во Есен. Бил член на Рајнскиот младински оркестар, на Интернационалниот младински оркестар како и на Оркестарот на ЕУ. Добитник е на повеќе награди и признанија како оние од Пан-Хеленскиот натпревар за млади солисти, како и од натпреварот за камерна музика „ХелЕкспо“, а исто така е наградуван од фондациите „Александра Трианти“ и „Александрос Оназис“. Како солист со окрестар настапува со Државниот оркестар на Солун, со оркестрите во Харково, Теплице, Днипине и Запорожје, како и со оркестарот „Синфониета“ од Софија. Со Симфонискиот оркестар на грчкото радио остварува две снимки и тоа на Концертот за виолончело од Мартину во 2002 г. и на концертот за виолончело и биг бенд од Фридрих Гулда во 2018.

Џ. Е. Лазаридис е сестран музичар со повеќе од 30-годишно присуство на интернационалната музичка сцена како солист, композитор, едукатор и основач на повеќе нови културни институции. Неговите ментори биле Јонти Соломон, Алфред Брендел, и Домна Евнухиду, а студирал на Кралскиот колеџ за музика и „Тринити“ Колеџот во Лондон. Лазаридис е активен на концертната сцена во престижни концертни сали од САД и Мексико до Европа, Русија и на Блискиот Исток, со настапи кој го носат на некои од најпознатите музички фестивали во Истанбул, Акс во Прованса, Монтереи, Свонси, како и во Карнеги Хол, Ројал Алберт Хол, Музикферајн, салата на Петербуршката филхармонија и многу други.

Од 2011-2013 бил директор на Интернационалниот фестивал „Деметриа“ во Солун, а од 2010-2019 бил уметнички директор на Организацијата на концертни сали во Солун, каде меѓу другото бил раководител на Интернационалниот детски хорски фестивал и на едукативниот проект „МОЈСА“ инспириран од моделот на ел-система и наменет за хористи на возраст од 8 до 25 години.

Театарската поставка „Чудесна терапија“ на режисерот Димче Николовски говори за интимна врска меѓу двајца чија големина се мери преку одговорот на прашањето: Дали успева да постои и надвор од љубовта? Претставата се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за среќна врска. Улогите ги толкуваат Соња Стамболџиоска, Маја Вељковиќ Пановска и Предраг Павловски. „Чудесна терапија“ не се препорачува за деца помлади од 12 години. аб/мч/

Back to top button
Close
Close