0_МИА Истражува.ПорталKultura.SlajderДописници МКДКултураКултура.ПорталСторија

Концерт кој ја плени душата со убавини и носталгија за едно минато „Сербез Класика“, но навестува и иднина на велешката музичка сцена 

Во рамките на „Велешкото културно лето 2020“ на 17 август во Ликовниот салон во Велес по две одлагањa, народот вели трета среќа, конечно се одржа долгоподготвуваниот и долгоочекуван концерт на класична музика со звуци на популарни композиции од класичната музика и  познати македонски и велешки староградски песни насловен „Сербес Класика“ во изведба на Градскиот Камерен оркестар и солисти под диригенската палка на местро Илија Настовски. 

Велес, 19 август 2020 (МИА) – Во рамките на Велешкото културно лето 2020“ на 17 август во Ликовниот салон во Велес по две одлагањa, народот вели трета среќа, конечно се одржа долгоподготвуваниот и долгоочекуван концерт на класична музика со звуци на популарни композиции од класичната музика и  познати македонски и велешки староградски песни насловен „Сербес Класика“ во изведба на Градскиот Камерен оркестар и солисти под диригенската палка на местро Илија Настовски. 

Концертот првично требаше да се одржи на 24 мај – Денот на Св. Кирил и Методиј, но не се одржа поради пандемијата со Ковид-19, па изминатата сабота беше одложен поради силниот дожд, а требаше да биде на отворена сцена во амфитеатарот на Младинскиот парк. 

Концертот конечно и на радост на публиката беше изведен во понеделникот вечерта, на 17 август во Ликовниот салон во Велес кој беше полн со вљубеници на класиката и народната, љубители на добра музика. Концертот беше одржан во согласност со сите протоколи на Владата и Министерството за здравство за држење на растојание меѓу публиката и носење на заштитна маска и сите останати  пропишани мерки кои строго ги испочитува организаторот Општина Велес, а во соработка со Народниот музеј, во чија сопственост е Ликовниот салон. 

Концерт спој на врвната класика и најубави  македонски и велешки староградски песни 

Се е подготвено и публиката, седната на пропишаните места, со нетрпение очекува концертот да почне. Тогаш на сцената се појавува маестро Илија Настовски и длабоко се поклонува, потоа им дава со својата диригентска палка знак на своите колеги музичари, и се е толку тивко и веднаш потоа најубави звуци од класиката се разлеваат во салата со добра акустика и изнудуваат чувство на задоволство и опуштање кај публиката. 

Секој од музичарите до максимум е внесен и се труди да го произведе најубавиот звук од делата на Гардел, Бокерини, Шостакович и Гершвин. 

Пијанистката Габриела Бочманова беше и водител на програмата, а и како дел од овој оркестар имаше свој солистички настап, а свој настап имаше и пијанистката Светлана Ташева и нивниот колега професорот Трајче Малинов на дувачки инструменти. 

Како дел од оркестарот е и пијанистот Јованче Банев, а и диригентот Илија Настовски кој освен што е диригент е и солист пијанист, а има и дуо изведба на одделени композиции заедно со свои колешки и колеги. Соло изведба на виолина имаше и професорката Менка Богоевска, која е дел од оркестарот. 

Концертот потоа продолжи во вториот дел со изведба на вокалните солисти Веселина Маџарова мецосопран, Вероника Караколева сопран. 

Тие настапија со народните староградски македонски антологиски песни од велешкото поднебје: Веселинка Маџарова мецосопран со „Момиче мало ѓаволо“ и „Калеш Анѓа“, со посебна кореографија и оркестрација напишана од познатиот диригент, професор и композитор Стефан Гајдов кој потекнува од Велес. Втората, една од најубавите велешки песни „Сербез Донка“, во изведба на сопранистката Вероника Караколева, композиција за која оркестрација направил Предраг Петров, професор во велешкото музичко училиште, а сега во пензија, а кој првично оркестрирал за хор, а потоа и за камерен оркестар. 

Камерниот оркестарот промовира млади музичари и солисти и велешка и македонска музика, но и светски класици 

Камерниот оркестар е формиран минатата година, а свечено беше промовиран на свеченоста по повод Денот на сесловенските браќа Св. Кирил и Методиј на 24 мај. 

Велес е лулката на бројни оркестри, тука се формирани првите оркестри во земјава, затоа нашиот Градски камерен оркестар е горд што ја продолжуваат долгата и славна музичка и оркестарска и солистичка традиција во Велес, изјави за МИА еден од неговите основачи, пијанист и диригент Илија Настовски. 

Оркестарот брои 17 постојани членови со промена на солистите кои се варијабилни, а е составен од виолини гудачи, дувачи и клавиристи, професори од музичкото училиште и завршени музичари и студенти и ученици. 

– Велес отсекогаш имал врвни музичари кои биле успешни и се на светската музичка сцена. Велешани имаат музичка традиција и во Велес со години имало и има бројна публика и љубители на музиката, а посебно им беше интересен ваков концерт во кој ние направивме спој на класиката со македонската староградска песна. Наша цел е да ја продолжиме македонската песна во спој со класиката за да им создадеме можност за уживање на публиката која дошла и ќе дојде на некој од нашите следни концерти. По Велес планираме и настап во други градови и желба ни е да свириме на „Охридско лето“, но најголема желба ни е да имаме настап и на светски музички сцени, најави за своите планови Настовски. 

Музичарите и солистите за оркестарот и музиката  

Трајче Малинов –професор и  музичар дел од оркестарот и соло на сопран саксафон,алт саксафон и кларинет, вели  дека како музичар е среќен што  е дел  од оркестарот  оркестар кој   ја продолжуваат долгата и славна традиција на велешките оркестри.

– „Велешкото културно лето 2020“ е значајна манифестација која годинава е посветена главно на бројни велешки културни дејци. Радосен сум што како музичар и дел од овој оркестар со својот настап и учество ја збогатив неговата програма. Велес отсекогаш бил Град на културата и оваа програма на Општина Велес е за пофалба што годинава посебно ги афирмира велешките музачари и творци и изведувачи од сите области на културата, потенцира Малинов. 

Вероника Караколева, сопран, е млада, а веќе афирмирана 20-годишна велешка музичарка, која со настапот на својата домашна велешка сцена изнуди силни аплаузи од публиката. Таа била средношколка во Музичкото училиште во Скопје во класата на Светлана Донкова, а сега студент по соло пеење и есенва ќе биде трета година на Музичката Академија во Софија кај професорката Марија Белчева. 

Млада и талентирана, веќе настапувала на повеќе сцени во земјава и соседството во Бугарија, во Белград, Србија, Аранѓеловац, но нагласува дека сепак возбудата е најголема кога настапува пред своите сограѓани и семејството во родниот Велес. Со насмевка и среќа вели дека е горда што била солист на  Градскиот Камерен оркестар и на овој посебен концерт.

– Иако сум 20 години и се надевам допрва ме очекува блескава кариера на сцената, сум настапила на повеќе сцени во земјава и соседството, но сепак најдрагоценото, најубавото чувство е настапот дома. Дома си е дома, бидејќи тука е наша публика и свој си на своето. Затоа и секогаш го давам својот максимум и се трудам да дадам се од себе во својот настап на сцената, потенцира младата Вероника. 

Таа настапи со најпознатата велешка песна „Сербез Донка“ во оркестрација на велешкиот професор Предраг Петров, а на која напорно работеше со оркестарот и поддршката од професорот Илија Настовски. 

Вероника вели дека е многу среќна што оркестарот, односно професор Настовски токму нејзе и ја доделил за соло изведба оваа прекрасна велешка староградска песна, по која Велес е препознатлив. 

– „Сербез Донка“ е најубавата велешка и македонска народна песна, која ми беше предизвик со мојата изведба да ја претворам во опера и напорно работев на тоа. Сега по изведбата сум среќна, а за тоа дека им се допадна на мојата велешка публика, добив силен аплауз и овации, а што е голема награда и сатисфакција за мене како млад музичар. Тоа ми дава енергија да продолжам со уште и нови вакви и слични изведби на оваа и македонската сцена и на сите сцени на кои ќе бидам повикана за настап, најави младата Вероника. 

Марија Иванова има само 12,5 години, свири на виолина и е најмлад член на Градскиот Камерен оркестарот. 

Таа вели дека е среќна што од големиот број на виолинистки од велешкото музичко училиште „Стефан Гајдов“ била избрана и е член на Градскиот Камерен оркестар, заедно со уште неколку свои другарки и другари од музичкото училиште. 

Марија Иванова по мајка Тончова има музички корени, нејзин прадедо по мајка е познатиот и славен велешки чалгаџија Ало Тончов, а таа е уште погорда што свири токму на неговата виолина. 

– Многу ја сакам музиката и сакам да музицирам, учам во Основното музичко училиште „Стефан Гајдов“ и често настапува на неговите концерти. Среќна сум што сум дел од овој Градски Камерен оркестар и среќна сум на секој аплауз од публиката. Секогаш напорно вежбам и сакам на сцената да го дадам најдоброто од секоја композиција. Овој оркестар е одлична можност за афирмација и презентација на нас талентираните млади музички таленти, но и на веќе афирмираните велешки музичари, потенцира малата и талентирана виолинистка Марија Иванова, со видна среќна насмевка и гордост по упешниот настап и силниот аплауз од публиката и поддршката што ја доби пред велешката публика и семејството кое секогаш и оваа вечер, беше тука да го проследи нејзиниот настап. 

Велес низ вековите имал културна и музичка традиција која продолжува 

Светлана Ташева, професор, музичар, пијанист и член на оркестарот и солист, еден од неговите основачи и директор на велешкото ОМУ „Стефан Гајдов“ потсетува дека Велес отсекогаш бил Град на културата и град на бројни културни дејци и град со првите музички оркестри во земјава. Велес е град во кој веднаш по војната во 1946 година било основано и првото Музичко училиште во земјава, а од чии клупи произлегле врвни музичари кои се познати и денес и се активни на европската и светска музичка сцена. 

– Годинашното „Велешко културно лето 2020“ чиј организатор е Општина Велес на кое акцент е ставен на домашната музичка сцена само потврдува дека Велес имал и ќе има музички таленти. Голем дел од велешките музичари од сите генерации веќе се афирмирани на музичката сцена во светот. Преку Градскиот Камерен оркестар сегашните нови и талентирани велешки музичари кои редовно се наградувани со бројни награди на фестивалите во земјава и странство имаа одлична можност за афирмација и надоградување на својата кариера. Велес е град кој имал, а денеска има своја иднина во музицирањето и музичкото творештво и има трасирано вистинска насока на продолжувањето на славната музичка и културна традиција на градот, потенцира Ташева. 

 Антоанела Димитриевска   

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close