0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderОпштество

Комисијата за заразни болести денеска одлучува за дневниот престој во училиштата

Комисијата за заразни болести утринава ќе се состане за да ја разгледа можноста за воведување дневен престој во училиштата, а одлуката ќе зависи од епидемиолошката слика. Последната информација со која располага Комисијата е дека нема да има целодневен престој.

Скопје, 21 септември 2020 (МИА) – Комисијата за заразни болести утринава ќе се состане за да ја разгледа можноста за воведување дневен престој во училиштата, а одлуката ќе зависи од епидемиолошката слика. Последната информација со која располага Комисијата е дека нема да има целодневен престој.

Одлуката, како што соопшти вчера директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски, кој присустуваше на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за раст кај децата, зависи од епидемиолошката слика, од сите случувања во однос на самата болест и од условите и критериумите, кои треба да се исполнат за воведување целодневен престој.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера изјави дека е направена анализа за бројката на деца кои би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.

– Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мал да никако не ја загрозува нивната безбедност, односно да нема дополнителен епидемиолошки ризик што одредена група на деца ќе остане и после завршувањето на смената. Предност е што тоа е истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот, појасни Филипче.

Исјановски вчера не ја исклучи можноста за затворање на градинките, доколку дојде до влошување на состојбата со Ковид-19, кои, пак се отворија на почетокот на месецот, но веќе има неколку случаи на дечиња заболени од коронавирусот.

Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, доколку епидемиплошката состојба ескалира, следејќи ја будно состојбата и почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести ќе се преземат мерки кои ќе го гарантираат здравјето на децата и вработените.

Во однос на градинките, Филипче завчера рече дека се развиени алгоритми како и што се постапува кога ќе се дијагностицира дете и оти се направени протоколи за работа.

Од среда, 23 септември, на работа се враќаат лицата кои користеа продолжено породилно отсуство, додека бремените жени продолжуваат да ги користат мерките, односно се ослободуваат од одење на работа. На работа, од среда се враќаат и хронично болните. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза навлошување и оние со малигна болест за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист. Врз основа на таа потврда овие лица ќе користат боледување.

Во претходното деноноќие беа регистрирани 178 нови случаи на Ковид-19. Од новите случаи во Скопје се 42, Куманово-19, Кочани-17, Прилеп-16, Тетово-14, Струмица-13, Гостивар-11. Во останатите градови регистрирана е едноцифрена бројка на заболени.

Во Кичево има осум нови случаи, во Струга и Велес по пет, Битола и Гевгелија по четири, Охрид и Валандово по три случаи, Крива Паланка, Радовиш, Пробиштип и Делчево по двајца, а во Дебар, Штип, Кавадарци, Македонски Брод, Виница, Свети Николе по еден нов заболен.

Институтот за јавно здравје вчера регистрира и 71 оздравен пациент од: Скопје-25, Куманово-11, Штип-10, Прилеп-седум, Струга-пет, Охрид, Крива Паланка и Кочани по три, Кавадарци, Гостивар,  Пробиштип и Берово по еден оздравен пациент.

Починаа четири лица. Двајца од нив од Скопје на 61 и 59 години, пациент од Куманово на 69-годишна возраст и пациентка од Штип на 70 години. Сите се починати во болнички услови.

Според завршените епидемиолошки анализи во моментов најмногу активни случаи и натаму има во Скопје – 598, потоа во Куманово – 211, Тетово – 170, Прилеп, 138, Гостивар – 113, Струмица -108, Кочани – 98.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 75 пациенти. На кислородна поддршка се 42 пациенти и нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се четири деца и четири мајки позитивни на Ковид-19, едно дете и една мајка суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 36 пациенти. На респираторна машина е еден пациент.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 21, а во болницата во Штип се 36 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 154, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Од скопските општини, со најмногу активни случаи е Аеродром – 89, потоа Центар – 81, Гази Баба и Карпош по 74, Чаир – 62, Кисела Вода – 57.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 16735, бројката на оздравени пациенти е 13863, на починати е 693, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2179. Досега во земјата се направени вкупно 175.465 тестирања на Ковид-19. мс/ац/

 

 

 

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close