Дописници МКДОпштински вести

Кочански „Водовод“ копа нов бунар за водоснабдување

Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани почна со копање нов експлоатациски бунар во месноста Грдовски орман, во рамки на системот за водоснабдување на градот и неколку населени места.

Кочани, 4 септември 2020 (МИА) – Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани почна со копање нов експлоатациски бунар во месноста Грдовски орман, во рамки на системот за водоснабдување на градот и неколку населени места.

Целата инвестиција чини околу 2,5 милиони денари што претпријатието ги обезбеди од сопствениот буџет, а според планскиот проект бунарот ќе обезбеди нови над 35 литри во секунда, со што ќе се намали ризикот од прекини во водоснабдувањето за наредните неколку години.

-Новиот бунар е со длабочнина од 50 метри и се гради со комплетна инсталација по системот „клуч на рака“. Во моментот капацитетот на бунарскиот систем во Грдовски орман е 252 литри во секунда, а со новиот бунар ќе ја обезбедиме неопходната резерва, особено за во летните периоди. Очекуваме до крајот на октомври градежните работи комплетно да бидат завршени и бунарот да го ставиме во функција, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Потребата од инвестирање во нов бунар е оправдана и со фактот што за првите осум месеци количината на испумпана вода од бунарскиот систем е за 9,5 отсто поголема во однос на истиот период лани, поради што немаше прекини во снабдувањето од градската водоводна мрежа.

Последен пат во нов експлотациски бунар за вода за пиење КЈП „Водовод“ инвестираше во 2014 година, кога се обезбедија дополнителни 30 литри вода во секунда со кои се задоволија потребите на граѓаните од највисоките зони во градот и во населбата Бели. та/вј/

Back to top button
Close
Close