Дописници МКДОпштински вести

Kоцевски: Дрворедот пред поранешниот Офицерски дом во Велес е исечен со одлука на стручна комисија

Во врска со реакциите на граѓаните за сеча на дрворед пред поранешниот Офицерски дом и реакцијата на ОК ВМРО-ДПМНЕод Велес, градоначалникот Аце Коцевски појасни дека во Општина Велес има  стручна Комисија која врши проценка на состојбата на дрвјата кои се засадени на јавните површини, односно дрвореди.

Велес, 30 октомври 2020 (МИА) – Во врска со реакциите на граѓаните за сеча на дрворедот пред поранешниот Офицерски дом и на ОК ВМРО-ДПМНЕ од Велес, велешкиот градоначалник Аце Коцевски појасни дека во Општината има стручна Комисија која врши проценка на состојбата на дрвјата кои се засадени на јавните површини, односно дрвореди.

– Надлежната Комисија која е составена од стручни лица констатирала дека тие дрвја се деградирани и дека претставуваат опасност за минувачите. Заради тоа е донесена одлука да бидат отстранети и на нивно место да можат да се насадат нови повеќегодишни садници, информира Коцевски.

Воедно тој појасни дека тендерот за набавка на садници е завршен, а за жал целото општинско одделение за заштита на животната средина поради Ковид до вчера било отсустно од работа, а две службенички се во болница, а еден службеник се вратил на работа.

– Дополнително ќе одлучиме и за есенската акција за пошумување и за набавката на засаден материјал кој треба да го употребиме за засадување на други локации во градот и на овие дрвја кои треба да се пресечат, појасни Коцевски.

Во писмената реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека вчера граѓаните на Велес биле  сведоци на опустошување и уништување на градското зеленило пред поранешниот Офицерски дом.

– Без никаква најава или објаснување беше исечен цел дрворед долж тротоарот, а имаме информации дека планирано е да се исечат уште стебла кои го красат и хранат со кислордот воздухот во градот. Овие дрва се само дел од уништеното зеленило во Велес во изминатиов период. Претходно на ист начин беа исечени дрвја во Градскиот парки и на велешкото езеро „Младост“ а пред хотелот „Глориус“, посочија од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија додаваат дека ја разбираат потребата од обновување на зеленилото и отстранување на деградираните дрва поради безбедноста на граѓаните, но и прашуваат каде до сега е посадено ново дрво во градот или општината под раководстство на градоначалникот Коцевски.

– Во моментов Велес се соочува со зголемено ниво на ПМ 10 честички во воздухот кои се над максималното дозволено ниво како и зголемено присуство на јаглероден моноксид. Наместо општината да се зафати со масовно пошумување во градот и околината и да бара решение за загадувањето тие ги сечат и онака малкуте дрва низ градот, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Велес.

Oд ОК на ВМРО-ДПМНЕ ги прашуваат велешките пратеници  од коалицијата на СДСМ зошто не реагираат за уништување на градското зеленило и зошто нивната пратеничка група не го поддржала предлог амандманот за пошумување на Велес со 10 милиони денари предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. ад/оџ/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close