0_Web_АктуелноKultura.SlajderКултураКултура.Портал

Коцарев: Во 2020 МАНУ ќе се посвети на најгорливите прашања, ќе ја хармонизира и соработката со БАН

Во согласност со предизвиците на новото време, активностите на Академијата во 2020 година ќе бидат насочени што е можно повеќе кон изработка на научно фундирани документи за најгорливите прашања поврзани со сегашноста и со иднината на Република Македонија, а кои ќе бидат корисни и за креаторите на политиките, истакна во своето излагање на редовното годишно собрание на МАНУ нејзиниот претседател, академик Љупчо Коцарев, кој на почетокот на годинава го почна четиригодишниот мандат.

Скопје, 26 февруари 2020 (МИА) – Во согласност со предизвиците на новото време, активностите на Академијата во 2020 година ќе бидат насочени што е можно повеќе кон изработка на научно фундирани документи за најгорливите прашања поврзани со сегашноста и со иднината на Република Македонија, а кои ќе бидат корисни и за креаторите на политиките, истакна во своето излагање на редовното годишно собрание на МАНУ нејзиниот претседател, академик Љупчо Коцарев, кој на почетокот на годинава го почна четиригодишниот мандат.

Меѓу тие прашања, рече Коцарев, спаѓаат: климатските промени, демографијата, урбанизацијата, економскиот раст, потрошувачката на енергија, геополитичките прашања за кои се навестуваат нови аспекти и тенденции во светот.

Во однос на релациите со други академии, првиот човек на МАНУ истакна дека ќе бидат посветени на хармонизирање на соработката со Бугарската академија на науките (БАН).

– Без разлика на недоразбирањата што ги имаме со БАН во 2019, МАНУ во 2020-та ќе ги преземе неопходните чекори – иницијативи, дијалог, приоритети, проекти, за да се хармонизира соработката со БАН, но и да се продлабочи соработката со другите академии во соседните држави, истакна Коцарев, соопштувајќи дека од вкупниот број на научноистражувачки проекти на МАНУ во оваа година, 30 се билатерални, односно ќе се реализираат токму во соработка со БАН, САНУ и со Унгарската академија на науките. Осум проекти се меѓународни и финансирани од европските фондови и од други меѓународни институции и фондации.

Во фокусот на активностите на МАНУ, како што рече тој, ќе бидат и прашањата и проблемите на евроатлантскиот интеграциски процес на земјава и во таа насока Академијата годинава ќе ја интензивира соработката со Секретаријатот за европски прашања и со други владини ресори и тела со цел активно да учествува во давање сугестии, забелешки и предлози при конципирањето и подигањето на квалитетот на документите кои се од посебно значење за развојот на земјата, а во тие рамки и за евроатлантскиот интеграциски процес.

Академијата ќе се посвети и на интеркултурализмот и, како што рече Коцарев, ќе ги третира различностите како предност, ќе предлага кохезивни решенија и ќе сугерира заеднички културни наративи. Во фокусот на МАНУ ќе биде и образованието за кое рече дека е клучен предуслов и за демократијата.  Образованието, посочи Коцарев, е во криза поради глобалните реформи и додаде „за жал, на повидок нема решение“.

Експозето го заврши со укажување дека сите ние треба да го најдеме излезот од трите заробени ентитети – заробениот ум, заробената држава и заробената цивилизација.

– Се надевам, а јас ќе направам сè што е во моја моќ, МАНУ да игра клучна улога во потрагата по излез од заробеноста на современиот свет, овде и пошироко, истакна претседателот на МАНУ. хс/сп/ 

Back to top button
Close
Close