0_МИА Истражува.ПорталДописници МКДТема

Кој ги „убива“ сообраќајните знаци и патокази во Струмичко?

Струмица, 2 јули 2020 (МИА) – Урнат и искршен сообраќаен знак или патоказ не е ништо ново во однесувањето на овие простори. Но, освен што се крадат, служат и како цел за стрелање со ловечко оружје и ловците, наместо по дивеч, пукаат во сообраќајната сигнализација, информираат надлежните.

Повод за интерес за оваа тема ни даде урнатиот и искршен патоказ за археолошкиот локалитет Цареви Кули кај Струмица, кој досега стоеше на регионалниот пат Валандово – Струмица, на крстосницата за селата Раборци и Попчево од каде што е едниот правец преку кој може да се стигне до еден од најпознатите белези на Струмица.

Надлежните информираат дека овој патоказ е поставен во рамките на проектот за реконструкција на Цареви Кули пред повеќе години.

– Сообраќајните знаци постојано се уништуваат. Имаме појава кога неодговорни ловци пукаат по нив и им служат како цел и секако најмногу се крадат. Се прават огромни штети, но многу ретко може да се откријат сторителите, бидејќи обично станува збор за „непознат сторител“, објаснува Митко Митков од Надзорот на одржување државни патишта.

Дополнува дека во рамките на новата ЕУ-регулатива сите знаци се поставуваат на нова бела основа и најголем дел од вертикалната и хоризонтална сигнализација во регионот е сменета.

– Сообраќајните знаци се цел на напад од несовесни граѓани и се уништуваат од сообраќајки. Покрај тоа, честопати настрадува и еластичната заштитна ограда покрај патот. Никој не пријавува и многу тешко може да се пронајде сторителот. Не ни преостанува ништо друго освен да ја поправиме, додава Митков.

Од секцијата на Јавното претпријатие за одржување регионални и магистрални патиштата – Струмица потврдија дека има кражби и уништување на сообраќајните знаци, но во споредба со минатите години значително се намалени.

– Се кршат и се крадат сообраќајните знаци. Најмногу се крадат фосфорните делови од знаците, кои служат за да бидат забележливи навечер. Не можеме да кажеме каде најмногу се крадат или уништуваат сообраќајните знаци. Оваа појава е присутна насекаде, но морам да истакнам дека во последните години е намалена, рече Марјан Китановски, раководител на секцијата на Јавното претријатие за одржување регионални и магистрални патишта – Струмица.

Атанаско Глигоров од Општина Струмица дополнува дека и кај локалните патишта и улиците што се во надлежност на локалната самоуправа состојбата со уништувањето на сообраќајната сигнализација е слична со таа на регионалните и магистралните коловози.

– Пријавуваме кога има оштетување или кога знаците се украдени или уништени, но секогаш се работи за непознат сторител. Во наша надлежност е поставувањето и водењето сметка за знаците во градот и населените места, односно од влезовите до излезите. Ќе ви кажам еден податок дека најмногу се уништуваат знаците околу средните и основните училишта во градот. По некоја наша груба проценка менуваме стотина знаци само од „Деца на патот“, потоа и „грбите“ кои се менуваат најмалку пет пати годишно, рече Атанаско Глигоров од Општина Струмица.

Инаку, најголем дел од патоказите и знаците со кои се означува правецот кон некој археолошки локалитет, верски или културен објект ги поставуваат институциите или поединци, кои претходно треба да добијат дозвола од надлежните органи. Доколку се оштетат, искршат или се украдат, обврската за поставување нови е на тој што ги поставил.

Ристо Тасев

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close