ЕвропаЕвропа.ПорталСвет.Слајдер

Клуге: Состојбата со Ковид-19 во Европа се уште е сериозна

Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа Ханс Хенри Клуге рече дека состојбата со пандемијата на Ковид-19 во Европа е се уште сериозна.

Женева, 30 април 2020 (МИА) – Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа Ханс Хенри Клуге рече дека состојбата со пандемијата на Ковид-19 во Европа е се уште сериозна.

– Три месеци откако СЗО прогласи вонредна здравствена состојба во светот, кривата што го покажува бројот на новозаразени во западна Европа го достигна врвот, но расте како што гледаме кон Исток, рече Клуге на прес-конференција.

Тој додаде дека вкупниот број нови случаи во Европа во последните седум дена е зголемен за 15 проценти и сега изнесува 1.408.266, а бројот на смртни случаи е зголемен за 18 проценти, на 129.344.

Европа има 46 отсто од заразените случаи во светот, а по бројот на починати тој процент изнесува 63.

– Шпанија, Италија, Велика Британија, Германија и Франција и натаму имаат најголем број заразени, достигнат е врвот, односно доаѓа до опаѓање на бројот на новозаразени, рече Клуге, истакнувајќи дека овој позитивен развој мора да продолжи да се следи.

Во источна Европа – Белорусија, Русија, Казахстан и Украина, како што рече, бележат зголемување на бројот на заразени случаи, а ситуацијата во Турција се стабилизира.

Според Клуге, во тој дел од континентот треба да се задржи „целиот обем на мерки“ за спречување на пренесувањето на новиот коронавирус.

Статистичките податоци покажуваат дека ситуацијата во регионот не е секаде иста – од 44-те земји во Европа кои воведоа целосно или делумно ограничување на движењето, во 21 земја овие мерки се намалуваат во различен степен, а уште 11 планираат да го сторат тоа во наредните денови.

Клуге повика на претпазливост, упорност и трпеливост во борбата против пандемијата и ја спомена подготвеноста да се воведат повторно мерки во случај тоа да биде потребно. паг/

Таг
Back to top button
Close
Close