0_Спорт.ПорталSport.SlajderФудбал

Клоп: Ливерпул е поинаков клуб, не сме поддржани од држави и тајкуни

Клубот од „Енфилд“ ја освои титулата шампион по 30 години играјќи убав, офанзивен фудбал.

Ливерпул, 10 септември 2020 (МИА) – Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, вели дека за Ливерпул е многу поважно да се држи до победничката формула отколку да носи играчи само за да каже дека направиле нешто во преодниот рок.

Клубот од „Енфилд“ ја освои титулата шампион по 30 години играјќи убав, офанзивен фудбал.

Навивачите очекуваа клубот да биде поактивен на пазарот на играчи ова лето, но тоа не е така, па многу навивачи на „црвените“ со страв гледаат како некои ривали, како што е Челси, масовно се засилуваат.

Клоп за радио „БиБиСи 5“ изјави дека е свесен за моментот во кој се.

– Клубовите се на различни позиции и живееме во време на неизвесност. За некои клубови е помалку важно колку е неизвесна таа иднина затоа што тие се во сопственост на држави или тајкуни, тоа е вистина. Ние сме поинаков клуб, посочи Клоп.

Германскиот стручњак, кој седна на клупата на Ливерпул есента 2015 година, направи многу од тогаш.

– Бевме во финалето на Лигата на шампионите пред две години, потоа победивме во следната и потоа ја освоивме Премиер лигата со тоа што сме клубот што го имаме, не можеме да го смениме тоа преку ноќ и да кажеме, ајде да се однесуваме како Челси сега. Ние секогаш сакаме да го засилиме тимот, но постојат различни начини да го сториме тоа – едниот е да донесеме играчи, другиот е да работиме заедно, да промовираме добри работи и да ги искорениме лошите, она во што не сме добри. Ова е фудбал. Никој не сака да зборува за тренирањето, само за засилувањата, смета Германецот.

На прашањето дали ќе има засилување ова лето на „Енфилд“, тој одговори дека му е смешно кога ќе прочита некои написи во весниците.

– Тука сум скоро пет години и ако нешто се случи, тоа ќе се случи. Имате толку многу гласини во весниците и смешно е кога ќе не поврзат со некои. Во минатото бевме добри во тоа, останавме мирни, донесовме правилни одлуки, дали во однос на тоа дека задржавме група играчи или привлековме играчи на специфични позиции, додаде поранешниот тренер на Борусија Дортмунд.

Ливерпул ја отвора сезоната во Премиер лигата во недела со натпревар против Лидс, а Клоп е убеден дека неговиот тим ќе продолжи таму каде што застанаа на крајот од претходната сезона.

– Имавме кратка пауза, важно е што помина добро. Неколку играчи сè уште имаат меѓународни обврски, се надевам дека ќе се вратат здрави. Натпреварите одат брзо и мора да бидеме подготвени за нив. Нема многу промени и луѓето велат дека сите сега сакаат да не победат затоа што сме шампиони, но јас не видов тим минатата година што не го посакуваше тоа. Пред тоа ја освоивме Лигата на шампионите, па затоа тие сакаа да не победат. Сè е во докажување и мора да бидеме подготвени за секој натпревар одделно. Имаме тежок старт против Лидс, тие чекаа 16 години да се вратат во елитата. Тие имаат менаџер од светска класа и ова ќе биде многу тежок натпревар со историско значење. Потоа следат Челси и Арсенал, имаме тежок почеток, заклучи Клоп.

Таг
Back to top button
Close
Close