0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер

Кирацовски: Освен ВМРО-ДПМНЕ, поништувањето на лустрацијата го опструираат и ДУИ и ДПТ

Поради немање кворум и неприсуство на пратеници од ДУИ, од Демократската партија на Турците (ДПТ) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, денешната седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која требаше да се разгледа Предлог-законот за поништување на лустрацијата, не започна. 

Скопје, 13 јануари 2020 (МИА) – Поради немање кворум и неприсуство на пратеници од ДУИ, од Демократската партија на Турците (ДПТ) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, денешната седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која требаше да се разгледа Предлог-законот за поништување на лустрацијата, не започна.

Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски на прес-конференција во Собранието изјави дека „кон опструкцијата на законот“ на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, попладнево се приклучиле и пратениците од ДУИ и ДПТ.

– Со жалење морам да констатирам дека покрај пратениците од опозицијата, односно од ВМРО-ДПМНЕ, кон опструкциите за работа на Комисијата за политички систем на седницата закажана за поништување на лустрацијата се приклучија уште две партии, односно ДПТ и ДУИ за кои се надевам дека имаат сериозни аргументи кои ќе ги споделат и со нас и со пошироката јавност, рече Кирацовски.

Седницата, на која поради немање кворум, не можеше да се утврди ниту дневен ред, ќе биде закажана дополнително.

Кирацовски смета дека за законот за поништување на лустрацијата има потреба од „повисока политичка координација“ со сите политички партии, без да појасни што значи тоа.

– Исправувањето на историската неправда направена кон истакнати општественици е наша заедничка должност и обврска која што мора да ја реализираме затоа што правдата и праведноста се основните начела и на демократијата и на основното човеково живеење. Процесот на направената неправедна лустрација мора да продолжи, рече Кирацовски.

Претходно, во друга изјава Кирацовски исто така истакна дека „сторената неправда за време на комунистичкиот режим, може да биде на некој начин обесправена, односно да биде завршена низ еден сериозен соодветен правен процес, кој што е далеку поразличен од направената лустрација“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски изјави дека пратеничката група на оваа опозициска партијаќе одговори на повикот за присуство на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и дека кога и да е ќе присуствува на неа, но и дека сериозно ќе се спротивстави на обидот на СДСМ за носење на законот за поништување на лустрацијата.

– Нашето прашање е кои се жртвите? Тие кои што овозможувале лица да бидат политички ликвидирани и физички ликвидирани или тие коишто биле политички и физички ликвидирани. Македонија треба да одлучи дали ќе оди по патеката на евроинтеграции, дали ќе гради демократски систем по примерот на сите земји од Централна и Источна Европа или се уште ќе живее во времето кога со политички нарачки се воделе судски процеси. Ние ги разбираме социјалдемократите, тие и денеска го прават истото со политички нарачки. Министри ги правеа списоците кои лица политички неистомисленици треба да одговараат пред СЈО и пред судството, министри од СДСМ и денеска ги координираат судските постапки. Затоа тие не разбираат што прават и со овој закон за поништување на лустрацијата, изјави Димовски, притоа потсетувајќи на 75-годишнината од ликвидацијата без судска пресуда на 53 велешани на ридот над градот, заради тоа, што според него, се залагале „за демократски систем во Македонија, како што се залагале во своите први иницијативи членовите на АСНОМ“.

Тој нагласи и дека на денешната седница на Комисијата за политички систем не присуствувал министер или заменик министер од Министерството за правда, додавајќи дека освен СДСМ како „наследник на претходниот режим“, никој не сака да даде поддршка на овој, според него, ретрограден закон.

Димовски оцени и дека земјава имала „најмека форма на лустрација“. вг/ев/

Back to top button
Close
Close