0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderSvet.SlajderЕвропаЕвропа.ПорталИнтервјуПолитика

Кидашели за МИА: Русија е со „вперен пиштол“ кон Грузија

Руското влијание, аспирациите кон НАТО и Европската Унија, случувањата по недобивањето датум за преговори со Унијата на Северна Македонија, подготвеноста за кибер-нападите, се дел од темите за кои разговаравме со поранешната министерка за одбрана на Грузија, Тинатин Кидашели, која воедно е првата жена-министер за одбрана во Тбилиси.

Скопје, 1 декември 2019 (МИА) – Руското влијание, аспирациите кон НАТО и Европската Унија, случувањата по недобивањето датум за преговори со Унијата на Северна Македонија, подготвеноста за кибер-нападите, се дел од темите за кои разговаравме со поранешната министерка за одбрана на Грузија, Тинатин Кидашели, која воедно е првата жена-министер за одбрана во Тбилиси.

Грузија во 1991 години се отцепува од Советскиот Сојуз, по што постсоветската држава страда од граѓански конфликти и економска криза. Во 2003 година, по Револуцијата на розите, Грузија продолжува со прозападната надворешна политика насочувајќи се кон НАТО и европските интеграции. Воведува низа демократски и економски реформи, што доведува до зацврстување на државните институции. Сепак, западната ориентација на земјата води кон влошување на односите со Русија, што во 2008 година кулминира со кратка војна поради територијален спор меѓу двете земји. Целите на Грузија и по една деценија се се уште насочени кон Северноатлантската алијанса и ЕУ, а тоа придонесува за зголеменото руско влијание со кое земјата тешко се справува.

Минатата година рускиот претседател Владимир Путин ја предупреди Алијансата да не развива блиски односи со поранешните советски републики Грузија и Украина.

– Нашите колеги ги креваат влоговите во играта кога се обидуваат да ги приклучат, на пример, Украина или Грузија, во воената орбита на Алијансата. Треба да размислат за последиците од оваа неодговорна политика. Ние ќе одговориме соодветно на сите вакви агресивни чекори, рече тогаш Путин.

Москва смета дека евентуалниот влез на Грузија во НАТО е мешање на Западот во нејзината сфера на влијание, а рускиот премиер Дмитриј Медведев минатата година потенцираше дека влезот на Грузија во НАТО „може да предизвика внатрешни немири“.

Сепак, пред неколку месеци генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека Грузија ќе се приклучи кон Алијансата и покрај спротивставувањето на Русија, наведувајќи дека „нема да прифати Русија или која било друга сила да одлучува кој може да биде член“.

Сите 29 сојузници наведоа дека Грузија треба да стане членка на НАТО, а во врска со тоа, во интервјуто за МИА, Кидашели посочи дека всушност Грузија му припаѓа на НАТО.

Како поранешна советска република, што е западно ориентирана, како се справувате со руското влијание?

Да се каже дека има влијание е навистина е мал збор. За да се разбере што всушност се случува, треба да се посочи дека Русија на некој начин е „со вперен пиштол“ кон Грузија. Секако тоа ги прави работите многу комплицирани. Од една страна имаме окупација на територијата, имаме вознемирање на нашите граѓани, дневно имаме притисок од страна на Русија во меѓународните организации врз Грузија во однос на нашите меѓународни односи и кога станува збор за нашите односи со НАТО и ЕУ постојано се соочуваме со фактот дека „има слон во продавницата за кристал“ и тоа им пречи на нашите односи. Затоа, секоја година на секој самит, НАТО ја потврдува својата политика на отворени врати, односно дека вратите за Грузија не се затворени. Сега, членството на Северна Македонија во НАТО остава впечеток дека принципот на отворени врати во НАТО функционира, односно дека не ни ги затвара на нас перспективите.

Нашата земја не доби датум за преговори за членство во Европската Унија. Се појавија тезите дека француското „не“ ќе го зголеми руското влијание во Западен Балкан. Кое е вашето мислење за тоа?

Она што сега и се случува на Северна Македонија, сметаме дека отвара можности за другите актери, особено за Русија да биде поактивна во регионот. Однесувањето на Париз и помага на Москва во ширењето на нејзиното влијание и тоа би морало да се ревидира.

Во врска со кибер-нападите воопшто, но и оние кои доаѓаат од Русија. Како Грузија се справува со тоа?

За жал, ние сме многу слаби. Пред околу две недели бевме сведоци на најголемиот кибер-напад на Грузија. Речиси сите владини веб-страни и владини институции беа блокирани, за жал ние не работиме дури ни со минимални водичи во тој однос. На пример по војната во 2008 година, дополнителната територија на нашата држава беше окупирана, бевме изложени на огромен кибер-напад и тогаш беше донесена одлука сите сервери што се однесуваат на владините структури да се префрлат на безбедно место. Тогаш и Американците и Европејците ни помагаа многу за да се заштитиме, но еве при последниот напад дознавме дека и веб-страната на претседателот, односно на претседателскиот-кабинет била на некој слободен сервер. Значи, она што можеме да ви го кажеме е како да не работите кога санува збор за кибер-нападите.

Поради ситуацијата со Русија, дали уживате поддршка од САД?

Со сигурност може да се каже, без никакви резерви, дека САД се најголемите партнери и наголемите пријатели којшто ја гарантираат безбедноста на Грузија. За среќа, тоа не се менува со промената на раководството во Белата куќа или во Конгресот. Имаме двопартиска поддршка од страна на американската администација. На тој начин можеме да кажеме дека до моментов сме безбедни. Но, она што влијае на состојбата не се директно грузиско-американските односи туку генералните гео-политички случувања. На пример тоа што се случува со НАТО директно влијае на нас, доколку НАТО е послаб ќе има влијание на нашата безбедност, односно послаб НАТО ќе ја засили Русија и тоа секако на нас не би ни одговарало. Имено, секогаш кога американскиот претседател ќе направи некаков договор со Русија, тоа нас не прави послаби или поранливи без разлика на безусловната поддршка којашто Грузија ја ужива од страна на САД. И најпроблематично од се е перцепцијата, на пример ако почнете да верувате дека американските избори биле хакирани од Русите, тогаш што очекувате грузиските гласачи и граѓани да мислат за себе и за својата иднина. Доколку и самата тврдина е ранлива, тогаш почнувате да се сомневате и во вашиот систем и во вашите вредности.

Колку често учествувате во воени вежби и операции кои ги спроведува НАТО?

Учествуваме постојано. Секој јули имаме големи воени вежби кои се случуват во Грузија. Всушност, две вежби, едната е во мај, што ги вклучува грузиските и американските сили, се нарекува „Благородни партнери“ и се случува секоја година и во јуни имаме воени вежби со НАТО кои се мултилатерални и се отворени за другите земји. На пример оваа година имавме 16 земји кои учествуваа. И учествуваме на различни воени вежби коишто ги организира НАТО и со тоа може да се каже дека сме целосно интегрирани. И од таа гледна точка, може да се каже дека на еден начин Грузија му припаѓа на НАТО, во однос на военото крило, иако го немаме политичкиот мандат. Учествуваме и во операциите на НАТО, на пример во Авганистан минатата година Грузија беше втора земја по број на жители по трупи коишто ги имаше испратено во Авганистан, по САД, без разлика што не сме членка на НАТО.

Колку сте напредни во размената на безбедносни информации со другите земји?

Што се однесува до размената на податоци во однос на безбедноста ние работиме на билатерален принцип, бидејќи не сме членки на НАТО или ЕУ, не сме дел од системот за заедничка заштита на податоци затоа одиме на билатерални договори. Имаме билатерални договори со најголемиот дел земји членки на ЕУ, што е всушност го дава истиот тип на заштита, меѓутоа е комплициран начинот на работа. Поради влијанието на терористичките мрежи во нашиот регион и позицијата на Грузија, постоеше голем интерес за воспоставување на тој вид соработки – размена на информации и воспоставување на билатерални договори.

Симона Митровска

Фото: Дарко Попов 

Back to top button
Close
Close