Дописници МКДОпштински вести

Кичевското Китино кале како создадено за вечерни прошетки

По темелната ревитализација Китиното кале во Кичево стана убав простор за дневни прошетки, но со поставувањето на нови лед светилки во сите делови, калето стана магично привлечно и како создадено за вечерни прошетки, изјави Дарко Белески, проект - координатор во Општина Кичево, под чиј мониторинг се спроведува овој проект. 

Кичево, 13 јуни 2021 (МИА) – По темелната ревитализација Китиното кале во Кичево стана убав простор за дневни прошетки, но со поставувањето на нови лед светилки во сите делови, калето стана магично привлечно и како создадено за вечерни прошетки, изјави Дарко Белески, проект – координатор во Општина Кичево, под чиј мониторинг се спроведува овој проект.

Проектот за Китиното кале се реализира со средства обезбедени од Светска банка во 90 проценти и 10 проценти на Општина Кичево, и чини над 600.000 евра и започна минатата пролет.

-Ревитализацијата на Китиното кале, еден од капиталните проекти што се реализира во нашата општина, го претвори овој простор во магнет за дневни и, пред се, попладневни прошетки на граѓаните. Со поставувањето на светилки на 100 локации на калето, придонесе беспрекорно осветленото кале во текот на вечерните часови да се претвори во неодолив простор за прошетки, иако сеуште мал број граѓани ги практикуваат ваквите прошетки. Калето е толку убаво осветлено што во ноќните часови блеска како сред бел ден. Можеби изгледа уште поубаво и попривлечно под блесокот на новото осветление, вели Белески.

Вистинскиот одзив на граѓаните во вечерните часови тој го очекува по отворањето на угостителскиот објект во дел на мултикултурниот центар и по пуштањето во работа на новите фонтани.

-Разбирливо што сеуште мал број на граѓани го посетуваат калето во вечерните часови. Овие посети ќе се зголемат кога калето ќе биде збогатено со повеќе содржини. Тука, пред се, мислам на отворањето на ресторанот како и организирање на претстави во амфитеатарот со ротирачка сцена, како театарски, музички, рецитали и друго. Но, можеби најголемата придобивка ќе биде почетокот на работа на фонтаните, кои под блесокот на лед светилките, престојот на Китиното кале ќе го претворат во неповторливо доживување и ќе ве мамат повторно и повторно да се вратите и да се следите на оваа убавина, додава Белески. за/ев/

Back to top button
Close
Close