Дописници МКДОпштински вести

Кичевските пожарникари во изминатите четири месеци секој втор ден имале по една интервенција

Кичевските пожарникари во изминатите четири месеци интервенирале 64 пати, во најголем дел за пожари на отворен простор и во помал дел урбани пожари или пожари на превозни средства, потврди Горан Соколески, командир на ТППЕ Кичево.

Кичево, 1 мај 2021 (МИА) – Кичевските пожарникари во изминатите четири месеци интервенирале 64 пати, во најголем дел за пожари на отворен простор и во помал дел урбани пожари или пожари на превозни средства, потврди Горан Соколески, командир на ТППЕ Кичево.

Според Соколески, годинава имале зголемен интензитет на пожари во кичевскиот регион.

– Така во изминатите четири месеци дури во 64 наврати интервениравме на огнени жариште, од кои во најголем дел интервенциите беа на отворен простор, ниско стеблести шуми, суви ливади или деградирани шумски појаси. Во преостанатите случаи интервениравме при урбани пожари или гасење на превозни средства, каде што беа опожарени покриви, оџаци или други делови од куќи, помошни простории или превозни средства. Во сите пожари на кои што интервениравме, нашата операција беше успешна и сите огнени жаришта беа успешно ликвидирани, без понатамошни последици по околината или луѓето. Радува фактот што при овие интервенции немаше ниту една повреда на вработен или жител од месното население каде што беше пожарот, вели командирот Соколески.

Тој, повторно упати апел до граѓаните да не ги палат стрништата и површините од каде можат да предизвикаат опасност од пожари од пошироки размери и со големи материјални штети.

На месните жители им препорачува кога се движат во шумски појас или во делови каде што има сува трева или деградирана шума, да не фрлаат догорчиња, делови од цигари или кога прават пикник, да внимаваат каде палат скара и пред да го напуштат просторот, зад себе да не оставаат разгорен жар бидејќи можат да предизвикаат пожар.

Овие апели Соколески ги упатува и за првомајските и Велигденските празници. за/аа/

Таг
Back to top button
Close
Close