0_МИА Истражува.ПорталДописници МКДСторија

Кавадарчанка сплете завеса за време на корона

Кавадарчанката Драгица Димовска сплете завеса за време на корона. На ваков оригинален начин 60-годишната жена превентивно влијае врз сопственото, но и колективното здравје, упатувајќи порака дека сите треба да придонесат со своето однесување за надминување на пандемијата на КОВИД-19, со паметно користење на слободното време, редовно носење заштитна опрема и одржување дистанца кога тоа е неопходно.

Кавадарци, 4  јули 2020 (МИА) – Кавадарчанката Драгица Димовска сплете завеса за време на корона. На ваков оригинален начин 60-годишната жена превентивно влијае врз сопственото, но и колективното здравје, упатувајќи порака дека сите треба да придонесат со своето однесување за надминување на пандемијата од КОВИД-19, со паметно користење на слободното време, редовно носење заштитна опрема и одржување дистанца кога тоа е неопходно.

МИА поразговара со неа, па дознавме дека има и хумана професија, работи како медицинска сестра. Завршила средно акушерско училиште, работела како сестра на детско одделение, сега во очната амбуланта при Општа болница со проширена дејност во Кавадарци.

– Го сплетов за да не ми е досадно во време на корона, за неполни три месеци, плетев кога не сум на работа и кога ми се завршени домашните обврски. Се плетат прво долните парчиња, се спојуваат, па се плете целата завеса до горе. Броиш во редот и никако нема досада. Напротив, произлегува оваа убавина, која во некои делови од светот се плаќа и над илјада евра. Јас плетам за своја душа. Најубаво се одморам со плеталото, кое ми е во раце од моите осум години. Мајка ми многу плетеше, па и јас до неа. Многу ме караше кога грешев, па баба ми викаше, терај, сине, „грешка оро игра, а недовршка дома си седе“. Во секој слободен момент сум со плетало во рака. Тоа за мене е најдобриот седатив. Масажа и физикална терапија за мозокот. Поинтензивно плетам од средношколка, па до денес, ни раскажа таа.

Тие што ја познаваат велат дека треба да се каже браво за оваа неуморна вредница, која има златни раце и изработува прекрасни рачни изработки, кои во некои делови од светот сè уште многу се ценат. Нагласуваат дека за сето ова се потребни марифет, внимателност и трпение. Многумина сакаат и ним да им сплете една ваква несекојдневна завеса. Според нив, ова е еден вид уметност.

Како самохрана мајка, Димовска во минатото сплела многу покривки, кои заминале низ сите страни во светот, за да може на сопственото дете да му овозможи летување на море. За неа се раскажува дека еднаш кога биле на меѓународен педијатриски конгрес во Србија, отишла кај роднини на гости и таму им доплела едно перде, кое им било заплетено, а недовршено. Или плетало, или сукало дајте ѝ, коментирале тие околу неа.

Вода стое, Драгица не стое, ќе слушнете за неа. И не е важно дали на завесата препознавате ружи или насмеано човече. Важно е дека таа е сплетена со многу љубов и посветеност. Во согласност со онаа народната, џабе работи, џабе не седи.

Светлана Дарудова

Таг
Back to top button
Close
Close