0_Спорт.ПорталОстанато

Каратистите на Макпетрол ги завршија подготовките во Црна Гора

Каратистите од клубот Макпетрол денеска се вратија во Скопје по петдневните заеднички подготовки кои успешно ги реализираа во Подгорица, Црна Гора.

Скопје, 22 февруари 2021 (МИА) – Каратистите од клубот Макпетрол денеска се вратија во Скопје по петдневните заеднички подготовки кои успешно ги реализираа во Подгорица, Црна Гора.

Тренерот Бошко Заборски истакна дека овој камп е од многу значајна улога за подигнување на моралот и спортската форма кај спортистите.

– Треба да се земе предвид дека ние скоро една година немаме никакви настапи и заеднички тренинзи со клубови и репрезентации затоа ова е вистинско освежување. Во Подгорица се собравме натпреварувачи од Балканскиот регион, ова претставуваше добар тест и подготовка пред нашите предвидени активности, а тоа се учество најнапред на Интернационалниот турнир Тузла опен кој ќе се одржи следниов викенд и подоцна од 12-14 Март имаме прв настап организиран од страна на Светската карате федерација турнир од светската 1 премиер карате лига во Истанбул, каде што ќе се сретнеме со светската карате елита, за подобрување на рејтингот и собирање на бодови за настап на олимписките игри во Токио, изјави Заборски.

На подготовките покрај македонските и домашните спортисти, учествуваа и каратисти од Бугарија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.

Репрезентативецот Петар Заборски на овие подготовки имаше дупла улога тој беше тренер и учесник на подготовките.

– За нас како спортски колектив и за мене лично многу значи што бев повикан да бидам дел од кампот. На подготовките имав прилика да ја испробам својата моментална форма со едни од најдобрите светски натпреварувачи. Одработивме одлични спаринзи, тоа беше дел од спецификата кој најмногу ни фалеше во овој дел на периодизацијата. Работевме по шест часа на ден и во многу делови ги подобривме борбените техники. Сакам да истакнам дека голема чест е да се соработува со тренерот Жарко Раковиќ, со кого ние како клуб имаме голема соработка, која успешно ја негуваме повеќе од една деценија. Ова е само почеток за остварување на нашата цел, затоа договорени се учества и соработка и во блиска иднина, истакна Петар Заборски.

Следниот камп најверојатно ќе биде во Скопје. зс/

Таг
Back to top button
Close
Close