Дописници МКДОпштински вести

Изведена прва специфична операција на ребро во тетовската клиничка болница

Прв пат во клиничката болница во Тетово е извршена торакална (градна) оперативна интервенција - ресекција на тумор на второ десно ребро на предниот дел од градниот кош. Операцијата ја изврши специјалистот по торакална хирургија д-р Иван Карапетров.

Тетово, 19 март 2021 (МИА) – Прв пат во клиничката болница во Тетово е извршена торакална (градна) оперативна интервенција – ресекција на тумор на второ десно ребро на предниот дел од градниот кош. Операцијата ја изврши специјалистот по торакална хирургија д-р Иван Карапетров.

-Ова е прва операција од ваков вид во Клиничка болница Тетово и претставува редок случај. Отстранета е промена на коскеното ткиво на реброто кај машко лице. Материјалот е испратен за патохистолошка и имунохистохемиска анализа. Пациентот се соочувал со големи болки во тој дел од градниот кош кои не се повлекувале целосно ниту со аналгетска терапија. Потребна беше предоперативна дијагностика со компјутерска томографија и скен на коските. Ваквите случаи подразбираат и можност за биопсија вели д-р Иван Карапетров.

До ваквата операција доаѓа по оформување на амбуланта за торакална хирургија во склоп на одделот Хирургија при тетовската Клиничка болница од јануари.

-Оваа амбуланта е можност жителите од Тетово и регионот наместо во други клинички центри да добијат соодветна лекарска помош за хируршки болести на градниот кош и дел од градните органи. За нешто повеќе од месец се евидентирани околу 200 пациенти кај кои имало прегледи, хоспитализации и операции на дојка, тиреоидна жлезда, торакални дренажи и згрижување на трауматски повреди на градниот кош објаснува д-р Карапетров, граден хирург.

На оваа специфична операција на д-р Карапетров му асистирале тројца негови колеги исто така специјалисти по градна хирургија, д-р Ардит Ќафјани, д-р Имран Ферати, д-р Висар Џафери и специјалист анестезиолог д-р Минире Исени. ас/мч/

Back to top button
Close
Close