0_Македонија.ПорталПолитика

Измени на условите за амбасадори пред собраниската Комисија за надворешни работи

Собраниската Комисија за надворешна политика денеска ќе одржи две седници, на кои ќе биде разгледан Предлог на закон за изменување на Законот за надворешни работи, по скратена постапка, во второ читање, поднесен од Артан Груби и Јулиана Николова, и втората, на која шестмина новоименувани амбасадори ќе реферираат за своите следни активности.

 Скопје, 10 февруари 2020 (МИА) – Собраниската Комисија за надворешна политика денеска ќе одржи две седници, на кои ќе биде разгледан Предлог на закон за изменување на Законот за надворешни работи, по скратена постапка, во второ читање, поднесен од Артан Груби и Јулиана Николова, и втората, на која шестмина новоименувани амбасадори ќе реферираат за своите следни активности.

Пратениците Груби од ДУИ и Николова од ЛДП до Собранието имаат поднесено измени на Законот за надворешни работи по скратена постапка и тоа само во еден член во делот на условите што треба да ги исполнуваат кандидатите за амбасадори.

Предлагаат во членот 36 став 1, алинејата 1 да се  смени и  да гласи „да е државјанин на Република Северна Македонија“, а по ставот 2 да се додаде нов став 3 и да гласи: „Лице кое има државјанство на друга држава не може да биде именуван за амбасадор во државата за која има државјанство“.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вчера изјави дека Предлог-законот за надворешни работи со оглед на тоа што Собранието е во функција уште неколку дена во контекст на распуштањето и изборите, најверојатно ќе го чека следниот собраниски состав, но оти овие предложени измени му создаваат нелагодност и воздржаност поради скратената постапка.

– Тоа е еден сериозен закон (законот за надворешни работи во редовна постапка), прави големи чекори напред. И покрај тоа што имав поддршка од Европската  делегација пресековме да не ставаме европско знаменце, да не бараме скратена постапка, бидејќи мислам дека новите решенија во законот треба да поминат низ една голема и суштинска дебата и во Комисијата и во Собранието. Во меѓувреме има предлог од група пратеници за измена на стариот закон само во еден сегмент. Содржината на предлог-измената е на линија на новиот Предлог-закон за надворешни работи. Она што мене ми прави нелагодност е што измената е предложена во скратена постапка и затоа сум, како да кажам воздржан, рече Димитров.

Од една страна, додаде тој, „отсликува решение што по долги дебати и консултации со други закони за надворешни работи од земји – членки на Унијата и компаративно земји од нашиот регион пресековме во таа насока, но процесно во смисла на дебата и на процедура, мислам дека е важна отворена дебата“.

– Министерството нема да прати ниту еден амбасадор кој не ги исполнува важечките прописи, пред се, од актуелниот Закон за надворешни работи. Кандидатите што се во оптег и што имаат двојно државјанство се условно усогласени така што нема да може ако остане актуелниот закон да бидат упатени се додека имаат двојно државјанство, потенцира Димитров.

На попладневната седница пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика своите платформи за дипломатски активности ќе ги претстават амбасадорите Теута Агаи Демјаха во Мисијата на Обединетите нации во Женева, Шпреса Јусуфи во дипломатско-конзуларното претставништво во Приштина, Шабан Јашари во дипломатско-конзуларното претставништво во Доха, Светлана Гелева во Мисијата во Советот на Европа, Стразбург, Данчо Марковски во дипломатско-конзуларното претставништво во Тирана и Фатон Бејта во дипломатско-конзуларното претставништво во Копенхаген. ев/бк/

 

 

 

Back to top button
Close
Close