0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштински вести

Изложба „Калеидоскоп” во Кавадарци 

Во Музеј галеријата во Кавадарци денеска беше отворена изложба насловена  „Калеидоскоп”, на која се претставени дела од Маријана Иванова и Симона Трипкова,  млади авторки,  графички дизајнерки.

Кавадарци, 6 март 2020 (МИА) – Во Музеј галеријата во Кавадарци денеска беше отворена изложба насловена  „Калеидоскоп”, на која се претставени дела од Маријана Иванова и Симона Трипкова,  млади авторки,  графички дизајнерки.

Се работи за плакатни решенија со кои тие учествувале или добиле награди на различни светски конкурси.

Директорката на Музејот, Весна Ѓорѓиева информираше дека настанот е реализиран во соработка со градоначалникот Митко Јанчев и Советот на општината, Музеј на град Скопје и со Мрежата на градови за уметничко творештво.

Билјана Галабова, кустос историчар на уметност во Музејот, рече дека плакатите треба да се третирааат со респект што го заслужуваат и тоа не само како уметнички дела,  туку како и историски документи, кои низ столетијата наназад сведочат за одредена култура,  па дури понекогаш  повеќе и од историски текстови. Тие, нагласи, се одраз на одреден момент во времето, покажувајќи ги вредностите и интересот на одредена култура. Нивната интенција низ историјата нормално се менувала заедно со промените во уметничкиот свет, кои се поклопуваат со општествените промени и истовремено одговараат на нивните потреби.

– Би ја отворила изложбата со една порака од еден нивни плакат на кој е прикажан интергалактички пасош за новооткриената планета наречена Кеплер-452Б, за која се смета дека е најслична со планетата Земја и дека на неа постои можност за населување, а истата гласи, „Ве молиме не мигрирајте на Кеплер, ќе ја направиме нашата планета повторно да е прекрасна“, нагласи Галабова. свд/цр

Back to top button
Close
Close