Дописници МКДОпштински вести

Изграден пристапниот пат до излетничкото место Студена Вода во Кумановско

Заврши изградбата на пристапниот пат што води кон излетничкото место Студена Вода, објави кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски на социјалните мрежи.

Куманово, 19 август 2020 (МИА) – Заврши изградбата на пристапниот пат што води кон излетничкото место Студена Вода, објави кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски на социјалните мрежи.
Местото се наоѓа во близина на селото Доброшане во Куманово и изминатиов период интензивно се уредува со средства обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и општина Куманово. Веќе се поставени летниковци и друга урбана опрема.
За уредувањето на излетничкото место, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој одвои 8.168 000, а Општина Куманово 3.160.000 денари. Градежните активности на терен ги спроведува фирмата „Ибро комерц“ од Куманово, која го доби тендерот, информираа претходно од одделението за комунални дејности.
Студена Вода се наоѓа на пет километри од центарот на Куманово и според најавите на надлежните, ќе биде место каде граѓаните ќе можат да се рекреираат и да го одбегнат градскиот метеж.
Спортистите и рекреативците често ја посетуваат локацијата, а сега се очекува да се зголеми бројот на посетители по уредувањето на просторот што ќе биде опремен со урбана опрема која одговара за излетнички места. Локалитетот партерно ќе биде уреден, предвидено е да има места за одмор, детски катчиња, реквизити за спорт, корпи за отпадоци, стражарска служба. Согласно проектот, локалитетот ќе биде осветлен и ќе има стражарска служба, ќе се реконструира чешмата, ќе има паркинг-места за посетителите. ам/бт/

Таг
Back to top button
Close
Close