0_Web_АктуелноГраѓански секторПолитика

Истражување: Општините немаат развиено посебни практики и механизми за спречување на корупцијата

Општините во земјава, генерално, немаат развиено посебни практики и механизми за спречување на корупцијата. Свесноста за корупцијата и особено за судирот на интереси е на многу ниско ниво. Заложбите во насока на спречување на корупцијата и судирот на интереси сè уште се само декларативни.

Скопје, 18 мај 2020 (МИА) – Општините во земјава, генерално, немаат развиено посебни практики и механизми за спречување на корупцијата. Свесноста за корупцијата и особено за судирот на интереси е на многу ниско ниво. Заложбите во насока на спречување на корупцијата и судирот на интереси сè уште се само декларативни.

Ова се дел од клучните наоди од истражувањето истражување/мапирање на политиките, механизмите и практиките за борба против корупцијата на општините во Република Северна Македонија изработено во рамки на проектот „Рефлектор врз антикорупциските практики на локално ниво“ на НВО Инфорцентарот финансиски поддржан од УСАИД. Ова истражување ги опфати сите општини, како и Градот Скопје. До сите општини и Градот Скопје беа доставени барања за пристап до информации од јавен карактер. Одговори и документи доставија вкупно 68 или 84 отсто од вкупниот број општини во државата.

Според наодите од истражувањето, има општини кои дури и не знаат дека имаат усвоено антикорупциски документи, како и општини кои имаат и практикуваат одредени антикорупциски правила, но не ги препознаваат како такви.

-Покрај изработка, усвојување, воведување и спроведување на конкретни антикорупциски политики и механизми, се чини дека е потребна и масовна едукација на локално ниво за етичките стандарди, како и за препознавање, контролирање и управување со судирот на интереси и за спречување на корупцијата, се посочува во соопштението од НВО Инфоцентарот.

Според нив, дури 70 отсто од општините немаат никаков документ за антикорупција, а кај повеќето од општините кои имаат усвоено некаква политика за борба против корупцијата, овие документи се од постар датум – од 6 до 12 години и не се ревидирани.

Неколку општини на своите интернет-страници имаат објавено антикорупциски документи, но одговориле дека немаат. Во ниту една општина која доставила одговор нема пријавено корупција во последните две години.

Според истражувањето, само четири општини одговориле дека имаат некаков конкретен механизам за пријавување корупција, и исто толку одговориле дека во последните две години имале случаи на пријавување на постоење конфликт на интерес.

-Само 5 отсто од општините имаат акт за прием на пријави од укажувачи, а само 7 отсто имаат назначено лице за прием на пријави од укажувачи, наведуваат од НВО Инфоцентарот.

Само една општина навела дека во последните две години реализирала обуки за интегритет или за спречување на корупцијата за функционерите или за администрацијата. Неколку општини имаат усвоено стратегии за управување со ризиците кои во себе содржат определени антикорупциски елементи и механизми, но според одговорите, тие не се препознаваат како такви.

Според истражувањето, само неколку општини ги ставаат антикорупцијата и интегритетот како клучни заложби и цели во своите највисоки стратешки документи, на пример, Струмица, Велес, Гази Баба.

Во однос на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), во 2019 година често разгледувала случаи за спречување корупција и судир на интереси на локално ниво.

-Од вкупно 24 седници, ДКСК на дури 22 седници разгледувала пријави, претставки или иницијативи кои се однесувале на градоначалници, членови на општински совети или вработени во општините. ДКСК отворила вкупно 65 предмети, а половината од нив ги отфрлила поради неоснованост или недостиг од податоци. Дури една третина од најсериозните прекршувања за кои ДКСК повела иницијативи за поведување постапки за кривично гонење или за утврдување одговорност во делот на спречувањето на корупција, се однесуваат на локално ниво, се наведува во истражувањето.

Според препораките од истражувањето, приоритетни мерки кои им се препорачуваат на општините се изработка, усвојување и објавување на декларација во форма на документ за борба против корупцијата и судирот на интереси во општината, т.н. политика на интегритет; воспоставување механизам (систем) за пријавување неправилности и сомнежи за измами или корупција (како телефонски број, адреса за електронска пошта, итернет-платформа за анонимно пријавување и сл.), проследено со соодветна процедура; назначување, овластување и јавно објавување на лице (и/ или канцеларија) за постапување по неправилности и сомнежи за измами или корупција; назначување, овластување и јавно објавување на лице за заштитено внатрешно пријавување; изработка и објавување на процедура за заштитено внатрешно пријавување; назначување, овластување и јавно објавување на лице (повереник) за етика/ интегритет; назначување, овластување и јавно објавување на лице за посредување со информации, како и на начинот на пристап до информации од јавен карактер; вклучување во овие механизми или нивно пренесување и на институциите што се во надлежност на општините, пред сè, локалните јавни претпријатија.

Исто така во рамки на истражувањето се препорачуваат краткорочни, среднрочни како и долгорочни мерки.

Целосниот текст на истражувањето „ Антикорупциските политики и механизми во општините“ ќе го најдете на следниов линк: http://nvoinfocentar.mk/wp-content/uploads/2020/05/Analiza-na-antikorupciskite-politiki-na-lokalno-nivo_final.pdf. ев/са/

Back to top button
Close
Close