Дописници СветЕвропаЕвропа.Портал

Истражување: Две третини од предметите на интернет се небезбедни за потрошувачите

Истражување на шест европски здруженија за заштита на потрошувачите покажува дека 66 отсто од артиклите што се купуваат на интернет се небезбедни, па дури и опасни за потрошувачите.

Брисел, 24 февруари 2020 (МИА) – Истражување на шест европски здруженија за заштита на потрошувачите покажува дека 66 отсто од артиклите што се купуваат на интернет се небезбедни, па дури и опасни за потрошувачите.

Тестирани се 250 предмети од осумнаесет категории нарачани од разни интернет платформи како Амазон, Али експрес, Е-беј, и други и утврдено е дека шест од десет производи претставуваат некаков ризик за здравјето, како на пример електрични шокови, иритација на непцата од пасти за заби, па дури и пожари од УСБ кабли.

Здруженијата откриле и опасни играчки за деца кои можат да доведат до смрт преку задушување.

Платформите кои ги продаваат овие предмети биле информирани од страна на здруженијата и од нив е побарано итно да ги отстранат артиклите од понудите, но во одредени случаи нивното барање било категорично одбиено.

-Што е уште позагрижувачки, констатиравме дека некои од тие предмети беа отстранети и вратени неколку дена подоцна, вели конзорциумот на здруженија за заштита на потрошувачите.

Од властите во ЕУ се бара да се ревидираат правилата и регулативите за онлајн продажба.

-Платформите преземаат по некоја мерка, но немаат никаква законска обврска во однос на безбедноста на предметите што ги нудат, ова мора да се смени и потрошувачот не може да биде единствен одговорен за купување опасен производ, објаснува белгиското здружение кое беше дел од истражувањето. тм/ссм/

Back to top button
Close
Close