БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Истрага на грчкото Обвинителство за вчерашните протести во Солун и на Крит против употребата на маска во училиштата

За вчерашните демонстрации во повеќе грчки градови меѓу кои и Солун, Атина, Лариса, Ламиа, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас и министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас рекоа дека ставот и мислењето на експертите треба да имаат водечка улога во справувањето со пандемијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 7 септември 2020 (МИА) – Обвинителствата во Солун и на островот Крит ќе отворат истрага за вчерашните протести против задолжителната употреба на маска во училиштата, објавија грчките медиуми.

Според истите информации било побарано да се пронајдат организаторите на протестите.

За вчерашните демонстрации во повеќе грчки градови меѓу кои и Солун, Атина, Лариса, Ламиа, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас и министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас рекоа дека ставот и мислењето на експертите треба да имаат водечка улога во справувањето со пандемијата, јави дописничката на МИА од Атина.

-Би сакал да ги земам оие луѓе и да ги однесам во детските болници, да видат стотици дечиња кои од нивното раѓање се борат со сериозни болести и рак, за да ги видат овие дечиња, кои од првите денови од нивните животи и многу години носат цел ден маска, рече министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас во интервјуто за грчката телевизија „Антена“ одговарајќи им на сите оние кои вчера протестираа и додаде дека иако секој има право на став, сепак научно е докажано дека маската заштитува.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг, одговарајќи на новинарско прашање за конкретниот протест го спомена примерот со алтернативниот министер за развој и инвестиции Никос Папатанаси, кој иако седел до лице позитивно на Ковид-19, имал негативен тест, бидејќи носел маска.

-Ова покажува дека маската навистина заштитува. Според тоа, многу е корисно, конкретниот пример, сите ние да го споменуваме за да покажеме дека мислењето на експертите е она кое треба да нѐ води за да се справиме со пандемијата, порача Пецас.

Како што утрово објави МИА, родители, организирани преку социјалните мрежи, вчера протестираа во повеќе грчки градови со цел да испратат порака дека не се согласуваат нивните деца да носат маски за време на наставата.

„Не за маските на училиште, му штетат на здравјето на нашите деца“; „Ниту едно дете со маска на училиште“; „Не за вакцина, не за маска“, беа дел од слоганите испишани на паноата на демонстрантите, кои секако не ги почитуваа мерките за заштита од коронавирусот.

Ниту ја одржуваа потребната дистанца, ниту носеа маски. ср/ссм/

Таг
Back to top button
Close
Close