0_Македонија.ПорталМИА ИстражуваОпштествоТема

Испитани илјадници примероци – ниту еден не потврдил дека милениците шират Ковид-19

Наместо да стравуваат и да паничат, сопствениците да уживаат во друштвото на своите миленичиња, посебно во овој период на самоизолација и седење дома. Кучињата и мачките не пренесуваат коронавирус. Барем така покажуваат досегашните истражувања, вели науката.

Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Наместо да стравуваат и да паничат, сопствениците да уживаат во друштвото на своите миленичиња, посебно во овој период на самоизолација и седење дома. Кучињата и мачките не пренесуваат коронавирус. Барем така покажуваат досегашните истражувања, вели науката.

На сопствениците кои имаат Ковид-19 им се порачува да го ограничат контактот со своето куче или маче, да не го бакнуваат и да не споделуваат храна со него. Да ангажираат друг член од семејството да се грижи за миленикот, а ако нема кој, заболениот сопственик да ги мие рацете пред и по секоја интеракција со кучето или мачето. Дополнително, ако е можно, да носи и маска за лице. Ова е мерка на претпазливост заради здравјето на животното, додека не се дознаат повеќе информации за вирусот.

– Во светот, но и кај нас се појавија многу заблуди и погрешни информации дека миленичињата би можеле да шират Ковид-19 или дека можат да заболат од овој вирус. Има и многу непознаници – како сопствениците да се однесуваат кон своите миленици кога се во самоизолација, карантин или се инфицирани од вирусот САРС-Ков-2. Но, нема докази дека Ковид-19 може да се пренесе од домашни миленици. Меѓународниот снабдувач за ветеринарна дијагностика и софтвер „IDEXX Laboratories“ на 13 март објави дека досега испитал илјадници примероци од кучиња и мачки при валидацијата на новиот систем за ветеринарно тестирање за САРС-Ков-2 (вирус на Ковид-19) и притоа не утврдил ниту еден позитивен резултат, што потврдува дека домашните миленици не ја пренесуваат болеста Ковид-19, вели за МИА претседателот на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, Томислав Николовски.

И според Светската организација за здравје на животните, нема докази дека домашните миленици можат да ја шират болеста или дека може да заболат. Сегашното ширење на Ковид-19 е резултат на пренос на инфекцијата од „човек на човек“. Затоа, потенцира претседателот на Комората, не постои оправдување во преземањето мерки против домашните миленици што можат да ја загрозат нивната благосостојба.

– Од Светската ветеринарна асоцијација за мали животни (WSAVA) изразуваат загриженост од извештаите дека многу животни низ светот се напуштени, убиени или однесени во засолништа, зашто нивните сопственици се плашат дека нивните миленици можат да бидат носители на вирусот, иако тоа не е поткрепено со докази. Покрај страдањата што им се предизвикуваат на засегнатите животни, нивните сопственици исто така ќе престанат да имаат корист од сите позитивни аспекти на сопственик на домашно милениче, што е уште поважно зашто многумина од нас сега треба да ги ограничат контактите со други луѓе. WSAVA ги повикува сопствениците на миленичиња да не паничат и, наместо тоа, да продолжат да се грижат за своите домашни миленици и да уживаат во нивното друштво, истакнува Николовски.

Според него, во тешките периоди, како овој со кој се соочуваме денес, миленичињата можат да играат многу позитивна улога, обезбедувајќи придружба на луѓето во самоизолација и оние кои се осамени.

– Научниот комитет и Комитетот за „Едно здравје“ на WSAVA им препорачува на сопствениците да ги чуваат своите домашни миленици со нив доколку се во самоизолација или карантин, да одржуваат добри хигиенски практики, вклучително и миење на рацете при интеракција со нивните миленици, да организираат грижа за какви било домашни миленици што останале во домаќинство или кај пријатели кои треба да бидат хоспитализирани и веднаш да контактираат со нивниот ветеринар доколку имаат прашања или проблеми, вели Николовски.

Препораките, пак,  за сопствениците на домашни миленици кои имаат Ковид-19 се поинакви.

– Чувајте ги мачките во своите домови (затворен простор), а ако е можно, обидете се да договорите некој друг да ги шета вашите кучиња, внимавајќи лицето што ги шета да го ограничи секој контакт со вашето куче и бидете сигурни дека практикува добра хигиенска пракса. Ова е за да се намали веројатноста вашето домашно милениче да ја шири болеста преку загадената животната средина, преку неговото крзно (иако досега не е докажано дека постои случај на пренос на вирусот од куче на човек). Ако вашето домашно милениче покажува некакви клинички знаци, прво информирајте се телефонски кај вашиот ветеринар, не го носете непотребно во амбуланта. Ако миленичето бара итен третман, повикајте го вашиот ветеринар за натамошен совет. Не го носете миленичето на хируршки третман, освен ако вашиот ветеринар не ве упати. Можеби ќе треба да договорите некој друг да го транспортира на лекување, порачува научниот тим на Светската ветеринарна асоцијација за мали животни.

Мирјана Чакарова

Back to top button
Close
Close