0_Македонија.ПорталПолитикаХроникаХроника.Портал

ИО на Здружението на јавните обвинители со осуда за опожареното возило на обвинител од Кичево

Остра осуда во врска со вчерашното поставување на експлозивна направа во куќата на јавниот обвинител во Кичево изрази Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители во Република Северна Македонија.

Скопје, 13 јануари 2020 (МИА) – Остра осуда во врска со вчерашното поставување на експлозивна направа во куќата на јавниот обвинител во Кичево изрази Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители во Република Северна Македонија.

-Овој чин освен загрозување на личната сигурност на јавниот обвинител и членовите на неговото семејство претставува сериозна закана и атак врз целата институција и принципот на владеење на правото во нашата држава, се наведува во соопштението од ИО на Здружението на јавните обвинители.

Ваквиот чин, как што посочуваат, не само што нема да го поколеба јавниот обвинител во извршувањето на својата функција, туку претставува поттик за целата институција за уште подоследно извршување во својата функција  и примена на принципот на легалитет на гонење на сторителите на кривични дела.

-Осудувајќи го овој акт на насилство изразуваме силна поддршка на нашата колешка да истрае во борбата против криминалитетот, стои во соопштението. 

Од ИО на Здружението на јавните обвинители ги повикуваат надлежните органи во чија надлежност е оперативата за откривање на сторителите на кривични дела, да преземат соодветни мерки за брзо откривањето на сторителот на овој насилнички акт.

Со експлозивна направа, завчера околу 19:00 часот, е предизвикан пожар во помошна просторија од семејна куќа на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево.

Како што соопшти ЈОРМ, експлозијата оштетила патничко моторно возило „сеат леон“ кое било паркирано во просторијата и е во сопственост на јавниот обвинител. Пред повеќе од еден месец, се посочува, гумите на истото возило биле со нож исечени од непознато лице.

-Основното јавно обвинителство Кичево со екипа од Министерството за внатрешни работи изврши увид на местото на настанот. Издадени се наредби за подигање примероци од експлозивната материја која е предадена на вештачење. Обвинителството  врши проверка и на видео записите од  камери поставени на околните објекти. Се преземаат дејствија во континуитет за целосно расчистување на настанот и пронаоѓање на сторителот, се наведува во соопштението од ЈОРМ. дма/са/

 

                                             

Back to top button
Close
Close