Дописници МКД

Иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“: Има многу недостатоци околу шестоседот

Претставници на граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ кои имаа кратка средба со претседателот на Владата, Оливер Спасовски, реагираа до јавноста дека околу шестоседната жичница се уште има недостатоци.

Попова Шапка, 26 февруари 2020 (МИА) – Претставници на граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ кои имаа кратка средба со претседателот на Владата, Оливер Спасовски, реагираа до јавноста дека околу шестоседната жичница се уште има недостатоци.

Тие сметаат дека и понатаму има техничка неподготвеност на жичницата, иако добиле спротивно уверување од премиерот. Хамди Сулејмани од Иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ посочува дека имаат информации дека уште технички не се подготвени сите документи.

-Премиерот во непосредба средба тука рече дека сите документи и технички извештаи се спремни и сите ќе ги објават. Таму има технички прием од надзорен инженер, треба да има извештај од производителот дека жичницата може да се стави во фунцкија, истакна Сулејмани.

Според него, природната околина на шестоседот, исто така, е уништена.

-Во последна ставка за изведба на овој проект стои дека целиот простор, цел тој коридор каде минува жичницата треба да се врати во првобитна состојба. Терените се уништени и таа земја може да ја зафати ерозија и со тоа да му се наштети на шестоседот, рече Сулејмани.

Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ смета и дека за развој на Попова Шапка е потребно да се замени ЕСМ како менаџер на капацитетот.

-Тие велат дека сакаат да ги продадат хотелите, но не и ски лифтовите зошто сакаат да се фокусираат на производство на енергија, но тоа е контрадикторно. Сигурно дека треба странски инвестиции или менаџмент да го раководи овој капацитет којшто е поголем од сите други во регионот, рече Сулејмани.

Премиерот Оливер Спасовски денеска ја пушти во употреба новата шестоседна жичница на ски центарот Попова Шапка, со должина на трасата 1.420 метри и максимален капацитет 3.200 скијачи за еден час. ас/вг/

Back to top button
Close
Close