• среда, 28 август 2024

Џоана ќе се кандидира за претседател на Романија откако ќе му заврши мандатот во НАТО

Џоана ќе се кандидира за претседател на Романија откако ќе му заврши мандатот во НАТО

Букурешт, 26 август 2024 (МИА) – Заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана денеска соопшти дека одлуката да се кандидира на претседателските избори во Романија е негова лична одлука, но оти одлуката за тоа официјално ќе ја соопшти кога ќе му заврши мандатот во Северноатлантската алијанса на 1 октомври.

- На политичко и институционално ниво морам да ги почитувам правилата на игра во НАТО и веднаш штом ќе ми заврши мандатот ќе објавам официјално соопштение, што ќе се случи наскоро, изјави Џоана за приватната телевизија Диги24.

Тој рече дека одлуката да влезе во трката за претседател на Романија не била лесна.

- Тоа е одлука која со себе носи одредено ниво на одговорност на лично ниво, а во исто време се консултирате со семејството, пријателите, луѓето кои ве поддржуваат … Тоа не е нешто со кое си играте, туку така. Разговарав со многу, со голем број луѓе, разговарав со романскиот народ, ширум земјата. Разговарав и со дијаспората и мислам дека Романците во овој момент се подготвени за вистинска промена, рече Џоана.

Според него, овие претседателски избори се „веројатно најважната работа низ која минува Романија во изминатите, ако не 35, барем 20 години“.

- Со целото мое срце се надевам дека сите Романци, како и другите етнички групи, исто така и романската дијаспора, ќе излезат во голем број да гласаат, бидејќи се одлучува за иднината. Не зборувам само за следните пет или десет години, зборувам за следните генерации, истакна Џоана.

Првиот круг од претседателските избори во Романија ќе се одржи на 24 ноември, а доколку е потребно, вториот круг ќе биде на 8 декември. Мандатот на актуелниот претседател Клаус Јоханис истекува во декември и со оглед на тоа што двапати беше претседател, тој нема право на реизбор. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан